„Како што привршува скринингот-проверката на Македонија со Европската Унија така сè појасно станува дека нема да се случат уставните измени, поради противењето на мнозинството македонски граѓани. Затоа полека спласнува и меѓународниот притисок за заокружување на целиот процес.“ – се вели во анализата со наслов „Македонија отрпна на притисоци“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Дали и меѓународниот фактор увиде дека уставните измени се јалова работа?
Покрај другото, натаму во анализата пишува: Тоа можеше да се заклучи и од завчерашниот настап на претседателката на Европската комисија Урсула Лаен, која повтори дека уставните измени се услов за отворање на преговарачките поглавја, но услов, како што рече, се и внатрешните реформи. Европските челници се свесни дека секаков натамошен притисок би бил контрапродуктивен. Затоа и нивната реторика е помека: знаат дека и самата Унија мора внатрешно да се реформира, за да може да прима нови членки.
Посетата на Лаен повеќе може повеќе да се оцени како проштална. Спласнува притисокот за уставни измени и од официјален Вашингтон, кој точно знае како стојат работите на терен, па свесен дека во овој момент нема простор да се направи промена на Уставот, се насочува на внатрешните состојби во земјава и притиска таму нешто да се менува, особено во владеењето на правото и борбата со корупцијата.
„Нема да има некаков поголем притисок. Дури, ова е последна посета на некој странски политичар од повисок ранг, така што нема да има многу други посети на европски политичари во следниот период. Од ЕУ ова е највисокото рамниште, што можеше да се случи. Вашингтон нема повеќе да оди по оваа патека. За разлика од Преспанскиот договор кога беа вклучени врвни европски политичари, околу уставните измени не се вклучи дури ни вториот, туку третиот ешалон на политичари и дипломати. Тоа покажува дека интересот на ЕУ повторно да се занимава со нас е помал. Тие очекуваат самите да си ја завршиме домашната задача, бидејќи самите сме прифатиле обврска да направиме уставни измени.“ – вели Александар Кржаловски, политички аналитичар.
Тој не очекува нов странски притисок за уставни измени, бидејќи станало јасно оти ниту по една и пол година од прифаќањето на „францускиот предлог“, уставните измени не биле направени.
„Сега остануваат само закана и поткупот, нема друга варијанта на убедување. Помина времето на убедување и видовме дека опозицијата си остана на ставот да не поддржи уставни измени. Останува или преспанското сценарио со закани, односно на ‘балкански начин’, или коруптивно да се обезбедат потребните пратеници. Сега никој од Западот не сака на таков начин да се реализираат уставни измени, бидејќи се свесни какви други ломови можат да настанат во државата. Затоа го намалуваат притисокот и оставаат сами да си ја завршиме работата.“ – констатира Кржаловски.





