Компаниите кои не платиле солидарен данок ќе добијат писмена опомена на 6 ноември, а ако во меѓувреме не го платат данок, ќе им биде блокирана сметката на 24 ноември, предупреди директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска..



На вчерашната прес-конференција, Лукаревска рече дека досега се уплатени 2.210.108.927 денари по основ на солидарен данок, од страна на 98 даночни обврзници од вкупно 150 кои се опфатени со еднократниот данок.

„На 6 ноември веќе ќе ги доставиме опомените, доколку и по тоа немаат направено уплата на 24 ноември, веќе ќе пристапиме кон блокирање на нивните сметки“, најави Лукаревска.

Законот за данок на солидарност беше донесен од Собранието на 19 септември и ги опфаќа компаниите кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 10 милиони евра и профит поголем за 20 отсто од просекот во претходните три години и тој износ ќе се оданочува со стапка од 30 отсто.