Во ЕУ ќе влеземе кога ќе претседава Турција

Ни дојде и премиерот на Унијата, Фон дер Лајен, и пак сме на истото место. Бевме никаде, и таму останавме. Македонија, никогаш не била подалеку од Брисел. Ако не направиме ФУНДАМЕНТАЛЕН пресврт во надворешната политика, трајно ќе останеме далеку од Европа.



Задачата, меѓутоа, не е лесна бидејќи Македонија нема своја надворешна политика. Освен заложбите за членство во НАТО и ЕУ, земјата нема други дипломатски дестинации. Се следат барањата на Брисел и Вашингтон, за соработка со соседите, и толку. За Берлинскиот процес и Отворен Балкан многу се зборува, ама резултати речиси и да нема.

Освен овие регионални движења, немаме никаква директна билатерална соработка со кој било, вклучувајќи ги и нашите соседи. Нема наши иницијативи, меѓусебни посети… На дипломатски план, сѐ се сведува на агресиите од соседите, со исклучок на Србија, и на наше слепо толерирање на истите.

А агресиите, коишто траат од почетокот на нашата целосна независност, се дополнителна потврда дека немаме надворешна политика и дипломатија. А, ако ги имавме, тие, барем, ќе се обидеа да ги бранат нашите интереси и немаше да дозволат цело време да се однесуваме капитулантски. Ќе спречеа, макар, да ги голтаме кнедлите на соседите, испорачувани непрекинато веќе цели 30 години. И, не само од нив. А, кога сите тие видоа со какви политички и дипломатски дилетанти имаат работа, апетитите им растеа и затоа сме на ова дереџе.

Сега, се наоѓаме во тунел, речиси без излез. И, затоа – еве ни ја Фон дер Лајен, којашто не доаѓа џабе. Напротив. Во боксот, во спортот, ама нагласено во животот и особено во политиката и дипломатијата, кога противникот е грогиран – се оди во одлучувачки напад, за да се уништи. Денес, тоа ѝ се случува на Македонија. Затоа е тука Фон дер Лајен.

Начелно, тој проект се вика – уставни промени и значи внесување на бомба во Уставот, со веќе активирана запалка.

Главната цел на Фон дер Лајен е да ја скрати жицата на запалката. Ништо друго. Пораките што ни ги прати беа доволно јасни а избегнувањето на средба со опозицијата, што треба да значи додатен жесток притисок врз неа, е своевиден срам за Брисел. Ни кажа дека ќе го одврзат ќесето, и ќе пуштат повеќе пари, ама тоа значи дека членство нема да има – можеби никогаш. Силен е впечатокот дека целата нејзина балканска турнеја е измислена само за да се прикрие фактот дека во Македонија доаѓа за да ја забрза нејзината капитулација. Затоа и дојде прво во Скопје.

Кај нас, пак, власта посветено и бескрупулозно продолжува со своите предавнички политики, а опозицијата можеби знае што сака, ама не лансира план како ќе го реализира тоа. Клучно е што никој не го согледува главниот проблем за нашето евро интегрирање. Никому не му е јасно каде се крие зајакот, а тој не е ниту во уставот, ниту во датумот за преговори.

Без никаква дилема, наш главен предизвик, и непремостлива пречка, е преговарачката рамка. Со неа, таква каква што е сега, МАКЕДОНИЈА НЕМА НИКОГАШ ДА ВЛЕЗЕ ВО УНИЈАТА. И утре да ги започнеме преговорите, само ќе  отвориме маѓепсан  круг, којшто намерно ни е подметнат како кукавички јајца, во кој, до бескрај, ќе се вртиме во празно.

Според рамката, преговорите со Унијата се сведуваат на вториот протокол со Бугарија, којшто е погубен за Македонија. Сите инволвирани во овој процес, треба да го прочитаат овој протокол и делот од рамката, којшто се однесува на него, за да разберат во каква безизлезна ситуација сме доведени.

Само така, ќе им стане јасно дека, за да стане членка на Унијата, Македонија ќе мора да ги исполни сите бугарски фантазмагории и историски синдроми. Само така, ќе сфатат дека историската комисија ќе ни го трасира патот кон Брисел. А, што значи тоа, веќе сите мора да знаат.

Никој не треба да има дилеми дека преговорите успешно ќе ги завршиме само ако прифатиме дека до 1944 година сме биле Бугарчиња, дека зборуваме бугарски дијалект, дека немаме сопствена историја… Ако не се согласиме со клучните бугарски барања – дека Гоце Делчев и Илинденското востание се дел од бугарската историја, Брисел ќе биде недостижен.

Тука е клучот. Софија НЕМА НИКОГАШ да дозволи наше членство во Унијата, доколку не се откажеме од македонизмот. Поточно, од самите себе. Тие, тоа и не го кријат. При тоа, не смее да се заборава дека Софија не е сама и е само алатка на интересите на Вашингтон. Тоа потврдува дека предизвикот е огромен. Ситуацијата, меѓутоа, не е безизлезна. Решението зависи пред сѐ од нас самите.

Во целиот овој галиматијас, самите уставни промени, коишто се надвор од умот, и во никој случај не смеат да се извршат, се ситница во споредба со самата преговарачка рамка. Во неа е (за)браната за иднината на Македонија. Ако неа не ја промениме, сѐ друго е губење на време.

Целата колумна на Ристо Никовски за Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/vo-eu-e-vlezeme-koga-e-pretsedava-turci-a/