Војната меѓу Израел и Хамас се прелева и во Сирија

Војната меѓу Израел и Хамас се шири во Сирија, поради растечката нестабилност, насилството и недостатокот на напредок кон политичко решение на 12-годишниот конфликт, изјави денеска специјалниот пратеник на Обединетите нации за земјата.



Геир Педерсен соопшти вбо Советот за безбедност дека, со насилството во сирискиот конфликт, сирискиот народ сега се соочува со „застрашувачка перспектива за потенцијална поширока ескалација“ по нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври и израелската воена одмазда.

„Прелевањето на војната во Сирија повеќе не е само ризик; веќе започна“, изјави претставникот на ОН за Сирија. Педерсен укажа на воздушните напади кои му се припишуваат на Израел, кои неколкупати ги погодија сириските аеродроми во Алепо и Дамаск, и одмаздата на Соединетите Држави за, како што рече, повеќекратните напади врз нивните сили „од групи за кои тврди дека се поддржани од Иран, вклучително и на сириска територија“.

Со оглед на тоа дека регионот е „најопасниот и најтензичниот“, рече тој, „гориво се додава на огнот што веќе почна да се разгорува“ во Сирија, каде што имаше зголемување на насилството и пред 7 октомври.

Истовремено, портпаролот на израелските одбранбени сили (IDF) Џонатан Конрикус изјави дека израелската армија „напаѓа во сите делови на Појасот Газа“.

„Ги фокусираме нашите активности на северниот дел на Газа, каде што е седиштето на Хамас… но продолжуваме да ги напаѓаме и другите делови на Газа. Ги ловиме нивните команданти, ја напаѓаме нивната инфраструктура и секогаш кога ќе се појави важна цел – ја напаѓаме“, рече тој.

IDF тврди дека погодилe околу 300 цели и убилe „многубројни“ борци на Хамас во изминатите 24 часа.