„Во една џамија во Полог оџа деновиве одржал не верско предавање за Куранот, туку политичко предавање за израелско-палестинската војна и упатил отворен апел да се инспирира секој присутен во џамијата, ако сака да стане ‘свет шехид’ (бесмртен), дека мора да оди во војната на Хамас со Израел, за да се бори против ‘кучињата осудени од Бога’ и да умре во таа борба!“ – објави бизнисменот и инженер по градежништво Даут Емини од тетовското село Теарце, во објава на својот фејсбук-профил, која ја пренесе и информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА. Емини не соопштува за која џамија и во кое населено место во регионот на Полог бил упатен повикот за приклучување на муслиманите од овој дел на Македонија во војната меѓу Хамас и Израел, ниту кој е оџата, кој упатил таков јавен повик од позиција на верски радикализам и антисемитизам.
Во својата објава, која ја насловил „Предавање за израелско-палестинската војна во петок во една албанска џамија во Полог!“, Емини пишува: Не е ништо лошо да има предавања, кои ја покажуваат потребата за мирни решенија на проблемите, каде што се покажува и се апелира за мир, бидејќи војните не произведуваат слобода, туку жртви и разурнувања. Нема ништо лошо да има такви предавања, меѓу другото, и во џамиите токму на Џума во петок, затоа што во овој ден џамиите се полни со верници. Но, овие предавања не треба да бидат обоени со исламското знаме, затоа што жртвите од војната не создаваат болка само на едната вера, а радост и среќа на другата вера!
Војната создава болка за целото човештво без разлика на вероисповед, раса или боја! На сите им треба мир и слобода, затоа сите мора да бидат заштитени, оти се Божји созданија!
Ако веќе се одлучи дека во џамијата ќе има предавања против војната, тоа треба да се направи според исламските принципи и врз основа на темелите на Куранот. Патот што го покажува Куранот е пат на мирот и е против секоја војна, што создава насилство, смрт и разурнувања! Ако предавањето се меша со политика, тогаш не му е место во џамија, туку на политички форуми, на собранија, на конгреси, во Организацијата на Обединетите Нации!
Токму во џамијата, за која станува збор, каде што оџата одржа предавање за израелско-палестинската војна, не слушнавме порака против било каков вид насилство, порака која ја наредува Куранот, туку имаше политичко предавање! Сè уште ми се тресе телото од зборовите на оџата, кој се осмели да отстапи од секој принцип на Куранот, нарекувајќи некои од жртвите „шехид“ (свети луѓе), додека останатите жртви ги нарече кучиња „осудени од Бога да умрат“!
Ова не беше најморничавиот дел од предавањето! Делот од предавањето што ги премина сите човечки и верски граници беа зборовите за „потребата сите муслимани да умрат како шехиди, бидејќи само тие (шехидите) живеат, додека сите живи (дури и собраните на џематот на односната џамија биле мртви овој свет, но и во другиот свет! Значи ова беше отворен апел да се инспирира секој присутен во џамијата, ако сака да стане шехид (бесмртен), мора да оди во војната на Хамас против Израел, за да умре!
Ова предавање на оџата ме тера да размислувам за неговата мисија: дали е религиозна, или антирелигиозна, дали е национална или антинационална? За мене е антирелигиозна и антинационална, затоа што ова предавање направи да се чувствувам како да сум пред некој руски функционер на КГБ, а не пред некој оџа, кој има обврска да го трасира патот на Куранот. Бидејќи, само на Русија ѝ треба ваква пропаганда, а не на Палестина, а уште помалку им треба на Албанците да потпаѓаат на ваква руска пропаганда!





