Турција денеска слави голема годишнина – пред точно 100 години, реформаторот Мустафа Кемал, наречен Ататурк (Татко на нацијата) ја прогласи земјата за република.



Предвидени се прослави низ целата земја за националниот празник, вклучително и импресивни воени паради од воздух и вода.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган ќе им се обрати на народот со специјално „обраќање по повод 100-годишнината“.

Тој ќе ја следи парадата на турската морнарица и воздухопловство во Истанбул.

Во 17:00 часот на Босфорот ќе се одржи поморска парада со 100 бродови меѓу кои и „ТЦГ Анадолу“. Над бродовите ќе прелетуваат воени авиони, предвиден е и огномет.
Ова ќе биде најголемата парада во историјата на турската морнарица.

Стогодишнината ќе се прослави на сличен начин низ целата земја – ќе има огномет и ласерски шоуа, а исто така на плоштадите во многу градови ќе има огромни екрани на кои се прикажуваат достигнувањата на републиката.

Турското претседателство и влада од почетокот на октомври организираат настани низ земјата и во дипломатските претставништва во странство, бидејќи овогодинешните прослави имаат посебно значење.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган, лидерот со најдолг стаж во земјата (вклучувајќи го и 11-годишниот мандат како премиер), го гледа тековниот период како дел од програмата „Век на Турција“, забележува БТА.

Визијата „Век на Турција“ ја содржи програмата на неговата происламистичка Партија на правдата и развојот (АКП) за вториот век на републиката.