Екс вицепремиер бара ЕУ да не молчи за чудовишната злоупотреба на европското знаменце од СДСМ и ДУИ

Екс вицепремиерот Ивица Боцевски бара ЕУ да се охрабри и да не молчи за чудовишната злоупотреба на европското знаменце од СДСМ и ДУИ.



Во својата најнова колумна за Нова Македонија Боцевски вели дека ЕУ по долгиот молк почнува да реагира срамежливо за злоупотребата на европското знаменце но дека тоа не е доволно.

,,Овој парапарламент ја поткопува македонската демократија, па стануваме уникатен европски пример каде што законите за игри на среќа или за одгледување марихуана се носат како европско законодавство, а за целата оваа тематика нема ни буква никаде во европското acquis.

Европската Унија долго време избираше да го одмолчи ова газење на европското знаме во македонскиот парламент, но во последно време започна срамежливо да се појавуваат критики, а би било убаво и ова чудовишно изопачување на европската интеграција, демократизацијата и парламентарната процедура да добие и посебен осврт во претстојниот извештај за напредокот, изработуван од Европската комисија.

На списокот задачи за следното македонско собрание и за следната македонска влада треба високо место да заземе и одбраната на интегритетот на процесот на европската интеграција на Македонија. Време е да се фрлат во историската канта за отпадоци „европските“ и „балканските“ методи на Јоханес Хан, лажните ветувања, изневерените очекувања и така натаму.

Македонија од крајот на 1980-тите се усогласува со единствениот европски пазар и се труди да ја заокружи својата европска интеграција. Во моментов укинувањето на чудовишното изопачување, наречено „носење закон со европско знаменце“, ќе придонесе да се врати процесот на европската интеграција во вистинските шини, оние што до Брисел одат преку парламентарната демократија, внатрешните реформи и пристојната политика.

Сите странични патчиња како брзо решение ги испробавме од 2017 година и тие нè одведоа прво во ендек, потоа во дупка, а на крајот и во провалија за да стигнеме со состојба каде што граѓаните се прашуваат што остана од македонската државност. Затоа, укинете го „европското знаменце“ за да ја спасите македонската европска интеграција”, пишува Боцевски во својата КОЛУМНА.