Ќе поскапи ли цената на гасот?!

Македонија со допис до Енергетската заедница, до Европската комисија и до Софија бара да ја преиспитаат давачката во делот на количините со кои се снабдува земјава, објави Дојче Веле. Бугарскиот министер за финансии Асен Василев категорично демантира дека новата давачка од 20 лева (10 евра) за мегават час за транзит на рускиот гас низ Бугарија ќе ги зголеми цените за Македонија, Србија, и Унгарија. Македонскиот министер за економија Крешник Бектеши најави дека ќе се бара оштета од Бугарија или од ЕУ за да се покрие разликата во цената на гасот од воведената давачка, а бугарскиот премиер Николај Денков тврди дека целта на давачката не е зголемување на цената на гасот за соседните земји, туку за намалување на профитот на руски „Гаспром”.



Во ваков круг се врти дикусијата од 13-ти октомври, кога бугарската држава воведе вонредна енергетска давачка во износ од 20 лева/mWh, и тоа пред почетокот на грејната сезона, од што директно ќе бидат погодени Македонија, Србија и Унгарија. Бектеши веќе соопшти дека преку Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на енергетска дејност пренос на природен гас – НОМАГАС АД Скопје, бил доставен допис до Енергетската заедница и до Европската комисија, како и директно до компанијата „Булгартрансгас“ за да ја преиспитаат нивната одлука во делот на количините со кои се снабдува Македонија.

Ако се воведе такса за гас кој доаѓа од Руската Федерација, тогаш треба да се ослободат количините кои ги закупил ‘Гаспром’, што ќе ни овозможи нас како држава преку пазарна економија, преку слободен пазар да бараме други извори во делот на снабдувањето со природен гас“, најави министерот за економија.

Од друга страна, бугарскиот министер за финансии, Асен Василев, кој бил иницијатор на идејата за воведување на давачката од 20 лева, изјави дека Македонија мора да докаже дека претрпела штети, а таква штета нема да има.