НМ: Геноцидот на грчката држава врз македонскиот народ во Егејска Македонија – последици кои се чувствуваат и натаму

„Годинава се одбележуваат 74 години од крајот на Грчката граѓанска војна, но и од егзодусот на илјадниците Македонци од Грција. Војната се водела меѓу грчката влада и грчките комунисти и членовите ЕЛАС. Најголемиот дел од македонскиот народ во Грција ги поддржал Комунистичка партија на Грција (КПГ) и ЕЛАС поради ветувањата на грчките комунисти за национално самоопределување на Македонците. Војната катастрофално се одразува врз македонскиот народ од Грција.“ – се вели во статијата со наслов „Сѐ уште се чувствуваат и денес злите духови од геноцидот врз Македонците“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Грчките комунисти го признале правото за национално самоопределување на Македонците

Покрај другото, натаму во статијата пишува: Голем број Македонци во Граѓанската војна ја поддржале Комунистичката партија на Грција (КПГ), затоа што таа уште во 1934 година нагласила дека ќе се „бори за национално самоопределување на репресираните словенски Македонци“. Ова беше потврдено и во резолуцијата од Петтиот пленум од 31 јануари 1949 година, во која се вели дека „по победата на КПГ, Славомакедонците ќе ја најдат својата национална обнова во рамките на обединетата грчка држава“.

Во Граѓанската војна, Македонците имаа и сопствена воено-политички организација позната како Народноослободителен фронт (НОФ), во чии редови се вклучиле околу 11.000-14.000 македонски борци. Под раководство на Народноослободителниот фронт била негувана македонската култура во Грција. Околу 10.000 деца го изучувале македонскиот јазик во училиштата. Биле печатени весници на македонски јазик. Биле отворени и театри каде што претставите се изведувале на македонски јазик.

Колосално негативни последици врз македонскиот народ

Неколку научни истражувања посочуваат дека во Грчката граѓанска војна загинале 21.000 Македонци. Околу 50.000 Македонци биле протерани или раселени, а меѓу нив се 28.000-32.000 македонски деца. Граѓанската војна негативно се одразила врз македонскиот народ што живеел во Грција. Тоа е забележливо и од грчкиот попис од 1951 година, каде што 45 села со македонско население не се споменуваат, односно биле уништени во текот на војната. Веднаш по војната бил донесен и закон, според кој биле уапсени и судени 7.500 Македонци само од Костурско и од Леринско Тие учествувале вооружени во антифашистичката борба и во Движењето на отпорот. Во согласност со друг закон, донесен од грчкиот парламент на 15 јули 1945 година, била поведена судска постапка за велепредавство против 23.811 Македонци и Македонки поради нивното членување во НОФ, НОМС и во АФЖ.

Суровоста спроведувана во согласност со „декретот“ најмногу ја почувствувале Македонците, бидејќи биле гонети граѓаните, кои од полицијата биле обвинувани за уривање на интегритетот на грчката држава. Ним им биле изрекувани најстроги казни. Овој закон бил насочен против Македонците. Најизразит пример за неговото спроведување било и стрелањето на младата Македонка партизанката Мирка Гинова. Група грчки пратеници дури предложиле донесување закон за присилно истерување на Македонците преку границата, но поради контроверзноста не бил донесен.

Грчкиот парламент во 1947 година донел закон за формирање и организирање десетина концентрациони логори, во кои биле интернирани десетици илјади граѓани, од кои голем број биле Македонци. Само во логорот „Макронисос“ биле интернирани околу 6.000 Македонци. Тие биле подложени на жестоки мачења и тортура, многу поголеми од тие во германските логори, посочува проф. д-р Ѓорѓи Малковски.

Виктор Бивел, новинар, издавач, уредник и публицист од Австралија со македонско потекло, вели дека е потребно дополнително истражување за протерувањето на илјадниците македонски деца што го изгубиле грчкото државјанство, а врз основа на закон од 1982 година не можат да се вратат во Грција и да си ги обноват правата. „На грчките деца им беше дозволено да се вратат, а на многу од македонските деца не им беше дозволено.“ – укажува Бивел.