„Иницијативата на неколку скопски општини, предводени од претседатели од редовите на опозициската партија ВМРО ДПМНЕ, секој понеделник да се изведува државната химна во училиштата експертите за меѓуетнички прашања ја оценуваат како ‘провокативна постапка со стремеж да се потпалат односите меѓу етничките заедници’.“ – се вели во анализата, која ја објави Радио Слободна Европа на албански јазик со наслов „Химната во училиштата може да ги врати етничките поделби“.
Натаму во анализата пишува: Советите на скопските општини Гази Баба и Аеродром одлучија учениците од основните училишта на нивните територии наскоро првиот час секој понеделник да го започнуваат со интонирање на химната на * Македонија. Одлуките се донесени на предлог на претседателот на оваа партија Христијан Мицкоски. Тој побара од Министерството за образование оваа иницијатива да ги опфати и училиштата во земјава. Од министерството не ја коментираа иницијативата на Мицкоски.
„Секој граѓанин треба да ја почитува државната химна, која е еден од основните симболи на државата, во која се родил, формирал семејство и се школувал… На целата територија на државата треба да се искаже почит кон државата, во која живееме и работиме сите.“ – изјави претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој рече дека такви практики постојат во многу земји, вклучително и во САД, па затоа треба да се спроведе и во * Македонија. Во државната химна на * Македонија, усвоена по осамостојувањето од поранешна Југославија, се опејуваат македонската нација, македонските територии и херои, како и нивните борби за слобода.
Шпетим Положани, познавач на меѓуетнички прашања и претседател на Здружението на поранешни политички затвореници-Албанци, вели дека иницијативата на лидерот на македонската опозиција не е во духот на соживотот во * Македонија. „Ова е иницијатива на политичар од една етноцентрична држава, каде што се се врти околу една етникум, а сите други не се важни. Иницијативата да се пее химната на почетокот на часот во училиштата не може да се спроведува на терен, бидејќи ќе предизвика проблеми: во химната се споменуваат војната, постоењето, желбата за слобода само на еден народ. Но, во * Македонија нема само еден, туку и други народи.“ – вели Положани.
Тој оценува дека оваа иницијатива е повеќе за политичка употреба, бидејќи за да се спроведе во пракса потребна е широка согласност, или покренување постапка за промена на химната. „Ако химната ги претставува сите граѓани, кои живеат во оваа држава, тогаш би била прифатлива нејзината употреба. Но, оваа да се користи, но оваа химна е многу еднострана, премногу етноцентрична и е неприфатлива за Албанците.“ – смета Положани.
Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција ја оценува иницијативата како „провокација за меѓуетничките односи“. Тој вели дека оваа иницијатива може да произведе други иницијативи, кои не придонесуваат за унапредување на односите меѓу етникумите во земјата.
„Со таквите одлуки институциите ги учат учениците како да се одвојат и да не го прават спротивното. Можат и другите општини да преземаат такви иницијативи, што не би било добро. Меѓуетничките односи кај нас се уште се кревки. Многу организации направија се, за да се подобрат овие односи меѓу етникумите, но политичарите ги воспоставуваат ѕидовите на поделбите. Такви иницијативи имало отсекогаш на прагот на изборите. Тоа се случува и сега, за да се оствари политичка корист, но ова нема да им донесе резултати.“ – вели Димовски.
„Патриотизмот не се гради на штета на образованието на децата. Ова не смее да се случи. Не треба да дозволиме децата да бидат злоупотребени за каква било партиска кампања.“ – додава тој.
Албанските политички партии во своите програми и изборни кампањи честопати се огласуваа со ветувања не само за промена на химната, туку и за други државни симболи, како знамето и грбот, кои, според нив, исто така, не го одразуваат повеќенационалниот карактер на оваа земја. Државните симболи се уставни категории, кои се заштитени со член 5 од Уставот. Измените на Законот за употреба на грбот, знамето и химната се прават со две третини од гласовите во Собранието на * Македонија.





