Европската Унија работи на паралелни реформи во институциите, буџетот и процесите за донесување одлуки, со цел до 2030 година да се создаде погодна средина за нејзино проширување, порача денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по средбата во Брисел со еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан.
„Треба да го задржиме континуитетот во спроведувањето на реформите кои ќе дадат суштински резултати за забрзување на пристапниот процес.
Со подготвеност до 2030 за нови држави членки, ЕУ го враќа кредибилитетот и за нас е движечка сила за успешни реформи и демократскиот напредок“, наведе Маричиќ во објава на Фејсбук по средбата.

Хан на средбата изразил охрабрување и поддршка за земјава да продолжи со тековниот преговарачки процес, бидејќи следат позитивни промени и план на ЕУ за раст на државите од регионот, јави дописникот на МИА од Брисел.
Вицепремиерот за европски прашања претходно денеска имаше средба и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, на која главни теми беа актуелните политички настани во земјава, текот на скрининг-процесот и очекувањата пред објавувањето на Извештајот за напредокот за 2023 година, пренесе 360 степени.






