Македонско-бугарска палеонтолошка експедиција на крајот од минатата година открила прв речиси комплетен скелет на мастодонт (мамут) во светот при истражување на наоѓалиште во с. Долни Дисан кај Неготино!
„Досега биле пронаоѓани само ситни мали делови, заби и други честички на скелет од овој тип. Бугарските палеонтолози од Национален природонаучен музеј во Софија (НПМ), заедно со македонските колеги од Природонаучен музеј во Скопје, успеаја да извадат половина од скелетот на древното животно. Овој прв дел од експедицијата е спонзориран од Бугарска академија на науките. На почетокот на 2018 година ќе биде следниот дел од експедицијата, кој треба да го финансира Министерство за култура на Република Македонија. Неговата задача е да се отстрани од палеонтолошкото поле втората половина од скелетот на мастодонтот. Студијата на речиси комплетниот скелет ќе даде нови насоки и ќе ги пополни празнините во проучувањето на овој древен вид и светот во кој живеел“, пишува news.bg.
Бугарските и македонските научници соработуваат со години и, освен остатоците од мастодонт, наишле и на фосили од жирафи, носорози, антилопи, хиени.
„Тоа се остатоци од истата таа фауна што многу личи на денешната африканска. Постоела пред малку повеќе од 7 милиони години на Балканот, кога климата тука била многу слична на таа во денешната савана на Африка“, вели Николај Спасов, директор на НПМ и водач на експедицијата. „И според една од хипотезите, корените на денешната савана африканска фауна треба да се бараат во овој биом што постоел тогаш меѓу Балканот и Мала Азија“.
Мастодонтот не е главна цел на истражувањето во неготинско, туку намерата на Спасов е да открие уште понеспорни докази за постоењето на прачовек на Балканот, покрај откритието на грекопитек близу Атина и на заб од истиот тој прачовек лани кај Чирпан, Бугарија.
„Намерата на истражувачите е да откријат таму делови од скелет на прачовек, кои не само што ќе им го потврдат и на најголемите скептици неговото постоење, туку и да сведочат како точно изгледал. Откриените наоди се охрабрувачки, но научниците ги чуваат во тајност додека не завршат студиите и не бидат објавени во реномирано научно списание“, пишува порталот.





