Владата го зголеми максимално дозволеното задолжување кај домашните кредитори, Бесими вели дека тоа било планирано

Наместо за 350 милиони евра, Владата годинава ќе се задолжи за 502 милиони евра само на домашниот пазар. Планираното нето задолжување кај домашните кредитори година се зголемува за над 150 милиони евра, што, пак, упатува на претпоставката дека се намалиле средствата за финансирање на буџетската ликвидност. Министерот за финсии Фатмир Бесими вели дека тоа била планирана бројка и дека е клучно што Буџетот останува на исто ниво во однос на растот и во однос на дефицитот.



  • Тие се плански проекции што се ставаат во Буџетот што даваат можност за подобра реализација на плановите што се поврзуваат со фискалната стратегија, рече Бесими, потсетувајќи дека веќе е обезбеден пакет од 600 милини евра по програми од меѓународни финансиски институции.

Зошто државава се задолжува само на домашниот пазар кога има поевтини извори за финансирање, Бесими рече дека тоа било план за крај на година на дефицитот и оти тоа сега е поевтино и од меѓународните финансиски институции. На домашниио пазар, вели, задолжувањето е под тој процент, односно тоа било поевтино.

  • Тоа е направено плански за дa ги имаме фискалната консолидација и макроекономските компоненти на ниво со кое што ќе ја задржат макроекономската стабилност, а во исто време нема да чинат многу за буџетот. Значи со релокацијата нема зголемување на дефицитот, нема зголемување на расходите, рече Бесими.

Во однос на задолжувањето, министерот рече дека тоа било рамка во која ние може да се движиме во управувањето на јавниот долг. Вели дека се прави релокација на парите за пораст на платите во јавниот сектор, за лекови во здравство, пензии.

Инаку, Македонија се доближува до осум милијарди евра долг, велат последните статистички податоци. Тоа е над 60% од бруто-домашниот производ. По дефиниција јавниот долг е државниот долг што го должи државата, јавните претпријатија, општините, претпријатијата во државна сопственост, Народната банка. Според критериумите на Светска банка, земјите кои имаат јавен долг до 60% од БДП се умерено задолжени, а кога ќе се надмине тој праг, земјата спаѓа во категоријата висока задолжена.