Историски бод за Алкалоид во Европа, реми со Ла Риоха во Шпанија

Македонскиот ракометен вицешампион Алкалоид се враќа непоразен од гостувањето во Шпанија, каде што ремизира 29:29 со Ла Риоха во второто коло од Европската лига и го освои првиот бод во својата дебитантска сезона во еврокуповите.



Заслугите за тоа одат кај голманот Благојче Трајкоски, чија одбрана им овозможи на „фармацевтите“ напад за израмнување, кој го реализира кадетско-младинскиот репрезентативец на десно крило Александар Петковски на пет секунди до крајот.

Токму застанувањето на голот на ветеранот Трајкоски, кој го заврши натпреварот со 10 успешни интервенции, му го даде потребниот импулс на Алкалоид, чија серија од 5:0 во почетокот на второто полувреме го врати во игра по водството на Шпанците од 20:16.

Арно Бинго беше најефикасен во составот на Кирил Лазаров со 7 погодоци, еден повеќе од Илија Џонов, а Мартин Велковски додаде 4.

Алкалоид и Ла Риоха по две одиграни кола во групата Ф имаат по еден бод, а пред нив со 4 е Војводина, која славеше со 29:28 против Силкеборг на второто место со 2.

Во следното коло на 14 ноември од 18:45 часот во Скопје ќе гостува данскиот претставник Силкеборг.