Економисти: Владата е крива за економската криза, има ли излез од лошата состојба?!

Македонската економија годинава, но и наредните две ќе има скромен економски раст, најнизок меѓу земјите од Западен Балкан, што дополнително ја оддалечува земјата од европскиот просек, објави Дојче Веле. Ова го покажа најновиот извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан, која ги намали прогнозите за раст на домашниот бруто производ годинава на 1,8 отсто, што е за 0,6 процентни поени помалку во однос на пролетниот извештај. Додека владини претставници уверуваат дека економските мерки и политики даваат резултати и доведоа до едноцифрена инфлација, експертите сметаат дека Светска банка дури била и оптимистичка во прогнозите, бидејќи земјата е во криза иекономската состојба не е воопшто добра.



Нема ништо ново, нити неочекувано, во проекциите на Светска банка. Тие само го констатираат она што е повеќе од очигледно – дека економската состојба во државата не е добра. Јас би кажал дека Светска банка дури е и оптимистичка – прогнозира раст од 1.8% за оваа година, а 2.5% за следната, додека нашиот институт има 1.6% за оваа и 2% за следната. За инфлацијата исто така се на оптимистичната страна, со проекција од околу 9% за оваа година, додека ние прогнозираме 10%“, вели за ДВ, д-р Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Но, и покрај овие мали разлики, тој вели дека пораката и двете проекции е иста – дека земјата е во криза. Смета дека тоа донекаде е последица на глобалното забавување и инфлација, но во голема мера е последица и на грешките на владата во еконономската сфера.

Светска банка оценува дека растот во земјата почна да забавува во вториот квартал од годината и од стапка на раст од 2,1 процент во првиот квартал дојде до 1,1 раст во вториот квартал. Инфлацијата се намалува, но сепак останува и натаму релативно висока. Ако се земат податоците за првите девет месеци од годината во споредба со истиот период лани инфлацијата беше 11,3 проценти. Проекцијата на Светка банка е дека до крајот на годината инфлацијата ќе биде 9,1 проценти.  

Според Светска банка, поради високите трговски маржи, но и притисокот што го прави порастот на платите, намалувањето на инфлацијата ќе оди потешко од очекувањата, а дополнителен проблем е и високиот буџетски дефицит, кој остава мал простор за создавање резерви за идни кризни ситуации. Се забележува и дека платите растат позабрзано од инфлацијата и тоа придонесува опаѓањето на инфлацијата да оди со забавено темпо.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими во својата најнова колумна наведува дека сигналите кои ги даваат меѓународните финансиски институции за македонската економија преку есенските проекции, повикуваат на внимателност, но исто така тие очекуваат македонската економија допрва да се развива и да испорачува резултати.