Лидерите на партиите од владејачката коалиција го нарекоа повикот на поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша за вооружување на луѓето- „целосно неодговорен“.
Јанша претходно на платформата Х по про-палестинскиот митинг напиша:
„Работите стануваат сериозни. Вооружете се, легално“.
Лидерите на владејачката коалиција денеска порачаа дека Словенија е демократска земја, што се темели на владеење на правото и со силни институции во служба на редот и безбедноста.
„Безбедноста на луѓето е на прво место, затоа Владата е активна во следење на состојбите и преземање на сите неопходни мерки. Го осудуваме ширењето на паника, омраза и популизам и го отфрламе повикот на вооружување. Ваквите повици се спротивни на модерната и демократска Словенија и не се во духот на Европа заснована на солидарност“, соопштија од коалицијата.
И словенечката претседателка, Наташа Пирц Мусар, исто така, го осуди повикот на Јанша за оружје, изјавувајќи дека таквите изјави треба да се третираат многу сериозно.






