Хамас ослободи уште две заложнички

Две Израелки приведени и држени како заложници од страна на милитантното палестинско движење Хамас се ослободени од Појасот Газа, потврдија од кабинетот на израелскиот премиер и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).



Вооруженото крило на палестинската милитантна група Хамас објави дека ослободило две киднапирани жени.

Во соопштението се вели дека двете жени, Нурит Купер (79) и Јошевед Лифшиц (85) биле киднапирани заедно со нивните сопрузи од Кибуц Нир Оз, во близина на границата со Газа. Нивните сопрузи се уште ги држи Хамас, објави Ројтерс.

Двете жени се предадени на израелската армија.

Неофицијално се шпекулира дека многу брзо Хамас ќе ослободи уште 50 заложници.

Најмалку 222 беа земени како заложници кога напаѓачите од исламистичката група, која ја контролира Газа, извршија терористички напад врз израелските заедници на 7 октомври.

Израелската влада им се заблагодари на Египет и на Меѓународниот Црвен крст за нивниот придонес во ослободувањето на двете Израелки.

„Му благодариме на Египет за помошта и на Црвениот крст за нивната важна улога во спасувањето животи“, се вели во објавата на канцеларијата на Нетанјаху на платформата за социјалните медиуми X, поранешен Твитер.