Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери упати честитка по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба од име на Собранието и во негово име.
„Овој ден е споменик на револуционерната идеја која водела низ битки во кои многумина го положиле најскапоценото, животот. Затоа што знаеле дека револуцијата е раскрсница помеѓу иднината и минатото.
Тие верувале во слободна, независна, единствена и напредна држава во која секој ќе може да ја гради својата иднина и иднината на своите млади поколенија горделиво и достоинствено.
За тоа била потребна и се уште е потребна пожртвуваност, верба и визија за во иднина да се уживаат плодовите на битките низ историјата.
Споменот на старите битки кои не довеле до тоа што сме сега, нека биде потсетник и наш учител за новите секојдневни битки кои ги водиме во животот заедно, сплотени и единствени како граѓани на современа, демократска, напредна и безбедна Република Северна Македонија.
Драги граѓани, Ви посакувам убав празничен ден, поминат во кругот на блиските и драги луѓе.
Нека е честит 23 Октомври, истакнува Џафери во честитката.МИА







