Веќе бил постигнат договор на Демократското движење на Изет Меџити со опозициските Беса и Алтернатива за заеднички настап на следните избори, на кои ќе истрчаат со заеднички претседателски кандидат и пратенички листи, вели пратеникот Изет Меџити, поранешен висок функционер на ДУИ и лидер на новоформираното Демократско движење во интервју за неделникот „Фокус“
Меџити го повикува и лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари да им се приклучи во обединетиот опозициски фронт.
„Ние ги повикуваме сите незадоволни граѓани, интелектуалци, невладини организации, па и политички чинители. Наративот на Алијанса беше анти-ДУИ, дека треба нова политичка ера и сега е шансата да истапат од таму и да и се приклучат на опозицијата“, вели Меџити.
Според него, најавената коалиција ДД-БЕСА-Алтернатива ќе внесе конкуренција во албанскиот кампус, што недостигаше досега.
„Немаше силна опозиција како коректор, па се надминавме себе си и со добра понуда овојпат ќе донесеме и победа и нова ера на политичката сцена кај Албанците“, вели Меџити.
Лидерот на ДД вели дека „на ДУИ му е поминат рокот… Мислам дека политичката ситуација е идентична со 2016 година.
Веќе не можам да го препознаам ДУИ по притисокот што го прави. Освен што нас не разреши бидејќи размислувавме поинаку, одат до отпуштање од работно место, притисоци врз администрацијата, инспекции…“ вели Меџити во интервјуто за „Фокус“.






