ЕСМ дистибуција на топлина не може да влезе во објектот каде се наоѓаат сите цевки и пумпи кои се клучни за снабдување со парно греење на граѓаните на Водно, бидејќи државата минатата година го продала земјиштето на фирма поврзана со контроверзниот бизнисмен, Ангел Кастиљо.
Радијаторите останаа студени во многу домови и во други објекти, меѓу кои и во основното училиште „Кочо Рацин“. Екипите на ЕСМ не можат да влезат и да направат подготовки за новата грејна сезона бидејќи сопственикот на топланата не им го дозволува тоа.
Од ЕСМ дистрибуција само потврдија дека нема парно греење, но не одгворија на дополнителни прашања.
Катастарската парцела, каде се наоѓа топланата и била во сопственост на АД „Топлификација“, според јавно достапните податоци сега е во сопственост на компанијата „Актрус Вентурес ДООЕЛ“ чиј пак основач е Алан Билент Кастиљо Гонзалес.
Како што објави „Призма“, Кастиљо во телефонски разговор изјавил дека решил да не ги пушта екипите на ЕСМ затоа што тоа е негов приватен имот и дека тие треба да си платат наем за користење на неговиот објект.
Објектот бил продаден во 2022 година, на лицитација по стечајната постапка на АД „Топлификација“.






