Котецу во македонска носија: Кога сфатив дека сум Македонец

Најголемиот Македонец меѓу Јапонците, оперскиот пејач Казухиро Котецу, по враќањето од својата омилена земја Македонија, каде што остави силен печат со својот настап на Меѓународниот фестивал на камерна музика „Интерфест“ во Битола, објави фотографија во која носи македонска традиционална носија.



„Ден по рециталот, кога сфатив дека сум Македонец“, напиша на социјалните мрежи басот и претседател на Токиската опера, кој ја освои битолската публика со изведбата на дела од Моцарт и Верди, но и македонски народни песни, а буквално одушеви со интерпретацијата на „Ако умрам ил’ загинам“ од ненадминатиот Јонче Христовски, посебно со фрлањето на палтото на крајот во стилот на бардот на македонската патриотска песна.