Економисти: Реален и повеќе од точен е извештајот Светска банка кој ја рангира македонската економија како најлоша во регионот

Реален и за жал повеќе од точен е извештајот Светска банка кој ја рангира македонската економија како најлоша во регионот. Ова е реакцијата на економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ кој во изјава за Алфа вели дека Владата мора да прави реални, а не само популистички стратегии за развој на економијата и генерално за домашното стопанство, зашто земјава останува со најнизок раст, најголем дефицит и висока инфлација.



Според прогнозите од Светска банка, годинава ќе се заврши со скромен раст од само 1,8%, но и следните години тој ќе биде најмал во однос на другите држави од соседството. Македонија, велат економистите, и натаму ќе се бори со висока инфлација која само ќе им ги јаде парите на граѓаните. Алармираат, ако сега и веднаш реално не се зголемат примањата, македонската економија само ќе тоне.

Од Светска банка предупредуваат дека јавниот долг и натаму ќе расте. За намалените приливи на средства од ДДВ, од банката причината ја лоцираат во намалената потрошувачка.