Јанкулоски: Власта, која го смени името на државата и идентитетски го обезличи македонскиот народ, уплашена е, оти ќе падне по изборите!

„Стравот се зголемува како што се приближуваат изборите. Анкетите покажуваат дека владиното мнозинство е загрижено дека ќе биде ‘жртва’ на волјата на народот. Онаа иста волја, со која си поигра и која ја игнорираше кога го менуваше името на државата и влезе во процес на нејзино идентитетско обезличување. Народот веќе не е уплашен. Но, власта е уплашена – престрашена!“ – вели универзитетскиот професор д-р Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Страв од паѓање“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Покрај другото, Јанкуловски пишува: Оваа власт премногу долго поттикнуваше и манипулираше со стравот и гневот: Денес на крајот стравот стана реален и оправдан, но сега за власта од губење на изборите. Вознемиреноста од паѓање многу често е проблем во политиката – сите автократи имаат грижи и стравови за иднината. Страв или не, избори мора да има. Во демократијата не може да ја избегнете волјата на народот. Тоа ја плаши власта. Оваа власт ја следат корупциски и криминални скандали за сите години на владеење. Затоа кај неа има место за страв.

Размислувањето оди приближно вака: ако она што го направивме има историска вредност (промена на името и договорот за добрососедство со Бугарија), а другата страна победи, тогаш како да се продолжи со нашиот секојдневен живот и како да се однесуваме како да е сѐ во ред? Како да го избегне власта овој очај од веќе реалниот политички пад? Никако.

Наскоро ќе искусат како станува животот несигурен, чорбите и стековите поскапи и како веќе не контролираат работи, што се многу важни за многу луѓе. Стануваат обични граѓани како сите други. Безимени и неважни, какви што биле пред да влезат во политиката. Нема веќе да ги импресионираат соседите со службеното возило што ги чека пред влез, или со поканите за приеми и гала-настани за „одбрано друштво“.

Е, тогаш ќе видат што мисли народот за нив навистина. Особено нема да ни биде важно дали вицепремиерот Битиќи носел, или не, брендирана облека, или дали имаме доволно храна да го нахраниме вицепремиерот за европски прашања Маричиќ. Онака по европски. За оваа војска заталкани луѓе во политиката изборите ќе бидат вистински крај.