АСОМ : Анализата на РСЕ ги потврди предупредувањата дека тендерите на Државна лотарија се незаконски

Анализата на РСЕ ги потврди нашите ставови дека државна лотарија ја спинува јавноста, велат од АСОМ.
– Истражувањето на Радио Слободна Европа докажа дека дел од тендерите на Државна лотарија ги добиваат компании блиски на владеачката гарнитура, што дополнително ги потврди нашите тврдења дека владината одлука за отпочнување на постапка за основање на три нови друштва за приредување интернет игри на среќа е незаконска и дискриминирачка, а повикот на Државна лотарија е веќе договорен за странски компании, велат од АСОМ.
Од таму додаваат дека предупредиле оти позади информациите кои ги пласира Државна лотарија стојат владини интереси, како и дека тенденциозно се објави информацијата дека повеќе од 10 домашни компании подигнале документација за наместениот тендер за избор на правни лица заради доделување договор за заедничко вложување во интернет игрите на среќа во коишто доминантно учество со 51 % ќе има Државна лотарија.
-Анализата откри уште една манипулација на јавноста од страна на Државна лотарија која во соопштение испратено до сите медиуми се фалеше дека бележи раст во работата, што истражувањето докажа дека е неточно и уште еднаш ја доведе во прашање релевантноста на информациите кои Државна лотарија ги објавува.
Податоците кои ги видовме во истражувањето на РСЕ се уште една силна причина зошто ниту една членка на АСОМ и ниту една домашна компанија нема да се јави на незаконскиот тендер за избор на приредувачи на игри на среќа преку интернет. Јасно се гледа дека и тој тендер е однапред договорен за 3 компании, како и сите други тендери на Државна лотарија.
Од таму велат дека е повеќе од јасно е дека со донесување на новиот предлог Закон за игри на среќа и со незаконската Владина одлука за основање на три нови друштва за приредување на интернет игри на среќа крајна цел е преземање на Владата на бизнисот со игри на среќа, а не заштита на малолетниците како што тоа се сервира во јавноста.
Од АСОМ се децидни и бараат
Пратениците да го отфрлат новиот предлог Закон за игри на среќа кој ќе значи крај на легалната индустрија на игри на среќа. Да се поништи незаконската владина одлука која претставува сериозна закана за домашните лиценцирани приредувачи на игри на среќа.
Итно да се вклучат сите засегнати страни во креирање на сите следни одлуки поврзани со индустријата.
Да се донесат подзаконските акти кои цела деценија се држат во фиока за домашните компании согласно актуелниот закон да може да приредуваат игри на среќа и реално да се либерализира пазарот. Доколку ова не се оствари се најавуваат масовни протести.