Тона Карева Талеска, правна советничка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, вели дека трошоците за сите предмети кои завршуваат поради апсолутна застареност паѓаат на товар на државата, односно граѓаните.
Уште повеќе, обвинетите во предметите може да поднесуваат и тужби за надомест на штета.
„Нормално, сите предмети кои завршуваат поради апсолутна застареност, сите трошоци во однос на постапката, ги сноси самата држава… односно на товар на сите граѓани.
Сумата во однос на сите предмети во моментот не би можел никој да ја каже, затоа што тоа ќе се пресмета во пресудите што ќе бидат донесени формално правно, изјави Карева Талеска на Топ Тема на Телма.
Според неа, можноста на обвинетите во предметите да поднесуваат тужби за штета, останува како правен институт и во тој дел Карева Талеска предупредува за можни дополнителни финансиски импликации како држава.
„Секоја измена што се прави, особено во кривично-правната материја, која што засега општествени добра и која што засега јавност, а која допира до предмети од висока корупција, треба да се направи со сериозна анализа за импликациите кои што ќе ги имаат таквите измени врз буџетот на државата“, нагласи Карева Талеска.







