Функционерските плати сепак ќе одат под нож, за што ќе се пренаменат милионските суми?!

Функционерските плати коишто изминатиот период предизвикаа еден куп реакции во јавноста и беа иницијална каписла за серија протести, сепак ќе се кратат, односно ќе заминат под нож. Премиерот Димитар Ковачевски, седум месеци по стапувањето на сила на одлуката на Уставниот суд со што платите на функционерите рипнаа за 78 проценти, најавува дека за недела – две ќе се изнајде друго поприфатливо решение. Засега нема информации за колку би можеле да се намалат платите, ниту од кога би стапила на сила оваа промена.



Вицепремиерите и министрите на владина седница од 17.10.2023 дискутирале за неколку варијанти како да се намалат функционерските плати, но не донеле конечна одлука. Ковачевски не присуствуваше на седница, бидејќи беше на пат во Тирана.

Премиерот, најново рече дека Владата формирала работна група од министри која треба да изработи решение за платите на функционерите, а коешто нема да „падне“ на Уставен суд.

  • – „Носење на решение кое го прекршува системот за плати во јавниот сектор ќе значи веднаш реакција. Отворена е дискусија како треба да изгледа моделот. Министрите ќе работат за да дојдат до решение, со цел да се постигне усогласување на платата на поприфатливо ниво, а истовремено да биде издржливо. Во наредните недела или две, ќе излезат со решение кое ќе биде на седница на Влада, па потоа ќе биде испратено во Собрание“, изјави Ковачевски.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи, пак, претходно рече дека заштедените пари ќе се користат за антикризни мерки.

  • – „Да направиме поправедно решение и секако да ослободиме дел од средствата кои, ако се изгласа тој закон ќе бидат за антикризни мерки за најранливите категории“, рече Битиќи.

Инаку, од 21 март со одлука на Уставниот суд пратениците, судиите, обвинителите, избраните и именуваните функционери, градоначалниците, директорите на разни фондови, агенции и државни фирми имаат зголемена плата до 78%, односно плати од над 2.000 евра.