Блокада на „Еуроникел“ некогашно „Фени“, вработените си ги бараат платите – Ќе се исклучи ли и последната печка?!

Ако се изгаси печката, тоа според нас ќе значи крај на фабриката, бидејќи потоа, според нашите информации, ќе треба долго време и многу пари повторно да се стави фабриката во функција“, рече Миле Ѓорѓиев, претседател на синдикалната организација во фабриката. Синдикатот на „Еуроникел Индустри“ најави блокада на фабриката, ако на средба со раководството на компанијата не најдат заедничко решение како да се одржи во производство единствената печка која е во функција и да не се отпуштат 800 работници.



Синдикалната организација е крајно незадоволна и загрижена. Ако не се исполнат нашите барања, ќе се блокира влезот на фабриката и никој нема да биде пуштен да влезе до решавање или одговор на прашањата кои се крајно загрижувачки за работниците – дали ќе има струја за печката, кога ќе се исплати вториот дел од  платата за септември и што ќе се случува со компанијата и вработените во наредниот период – вели претседателот на Синдикатот Миле Ѓорѓиев.

Од Синдикатот на индустријата, рударството и енергетиката (СИЕР) во чиј состав е и синдикалната организација на „Еуроникел Индустри“ велат дека последните денови имаат постојани средби со раководството на компанијата на кои се инсистира да се одржи производството за да можат да останат на работа 800 луѓе и уште најмалку 400 до 500 луѓе кои се поврзани со работењето на компанијата.

Проблемот е што во компанијата има сопственички превирања кои предизвикуваат проблеми во работењето на компанијата. Поради ова нема доволно репроматеријали за работа на единствената печка која во изминатите неколку месеци работи со намален капацитет, односно е во фаза на топло одржување. Информирани сме дека платена е струја само за уште 2 дена за работа на печката. Дополнително немаме одговор кога ќе бидат исплатени додатоците на плати за септември и каква ќе биде судбината на работниците потоа. Денеска имаме уште една средба со раководството, па дури потоа ќе биде појасно каква ќе биде судбината на компанијата и работниците – вели Игор Герасов, претседател на СИЕР.

Некогашното „Фени“, а сегашен „Еуроникел“ е трговско друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги кое има децениска историја на успешна работа, но и на проблеми – финансиски, стечајни.

Пред една година поради економската и енергетската криза компанијата направи прекин во работата, а вработените беа испратени на принуден одмор. Во мај годинава, пак, вработените одново се вознемирија дека им претстои стечај и губење на работните места. И тогаш Синдикатот реагираше и јавноста слушна дека подолг период примаат 70 отсто од платата.