Колемишевски: Македонците се загрижени поради доминацијата на албанскиот чинител – можно е целата власт да прејде во рацете на ДУИ

„Новинарите се расиплива, а политичарите расипана стока.“ – вели новинарот Панде Колемишевски во својата колумна со ист наслов, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Власта е во облаци и живее во светот на своите фантазии

Покрај другото, Колемишевски пишува: Една средба со медиуми заменик-претседателот на Владата за економски прашања Битиќи ја напушти демонстративно, поради незадоволство од прашањето на новинар на ТВ Алфа  до премиерот Ковачевски: дали се подготвени целата власт да биде во рацете на ДУИ, ако не успеат изборите за претседател на државата? Во таков случај, Талат Џафери би бил привремен претседател на државата и претседател на Собранието, а според договорот СДС – ДУИ и привремениот премиер да биде Албанец од истата партија.

Во прашањето нема елементи на национална нетрпеливост, и меѓунационална омраза. Имајќи ги предвид и претстојните претседателски и собраниски избори, многу сигнали навестуваат дека е можно да се оствари тоа сценарио. Прашањето на новинарот е израз на стравот меѓу Македонците за сѐ поприсутната албанска политичка доминација на државната власт и во државната администрација. Со бројот на своите министри партијата ДУИ и другите коалициски партнери во Владата од албанскиот политички блок далеку ги надминуваат Бадинтеровото мнозинство и цензусот од 20 отсто.

Албанскиот фактор има министер за надворешни работи кому му е доверена најчувствителната тема за Македонците – впишувањето на Бугарите во Уставот. Преку Артан Груби раководи со секторот за политички систем во кој се ангажирани 400 луѓе, како и со работната група за историските и културни прашања со Бугарија. Преку министерот за финансии располага со буџетот и решава на дневна основа кому и колку пари треба да му се доделат, кому и колку да му се одземат. Со свои министри ги држат ресорите за правда, економија, образование и здравство. Силни позиции имаат во мрежата на полицијата и правосудството.

Албанските кадри се на чело на најбогатите јавни претпријатија. Тие се инспиратори, организатори и реализатори на најголемата инвестиција во историјата на Македонија вредна над 2 милијарди долари. Договорот со „Бехтел и Енка“ е финансиско елдорадо. Нивниот приватен сектор е далеку послободен, поразгранет и побогат од македонскиот.

Сето тоа боде очи и предизвикува загриженост кај обичните Македонци. Ако македонската политичка елита решила да се движи во таа насока, ако форсираната доктрина „едно општество за сите“ претпоставува брза минимизација на македонскиот фактор на сметка на величање на албанскиот, тогаш сите постапки и односи се израз на идеалната слика за соживотот и напредокот.

Најверојатно понесен во одбрана на Битиќи, премиерот Ковачевски, го оквалификува прашањето како етнонационализам, дури и ксенофобија. Тој се приклучи кон фалшивиот став дека секоја критика упатена кон Албанците е македонски национализам и ксенофобија, а секоја нивна одбрана е израз на патриотизам и градење меѓусебна доверба. Сосема неумесно и прелесно изговорено е дека прашањето на новинарот било „форма на модерен фашизам“. Претера и ова не му е првпат.

Нервозата што ја покажаа Ковачевски и Битиќи е состојба, што владее во партијата и Владата, растргнати од критиките за неуспешната политика, внатрешните кавги за позиции, тендери и пари. Добар сон не им овозможуваат ниту анкетите, кои навестуваат дебакл на идните собраниски избори. Оние од Владата (и партијата) живеат во светот на своите фантазии. Мислат дека се добри политичари, но состојбите не велат дека е така. Колку погласно зборуваат дека се добри, граѓаните стануваат сѐ понедоверливи и мислат дека се полоши. Власта не разбира што зборува народот. Власта живее во облаци.