Што се случи со новите катни гаражи и монтажни паркинзи што ги вети Данела Арсовска?

Од година в година расте бројот на возила по скопските улици, а со тоа и недостигот од паркинг места. Скопјани, но и жителите на другите градови од кои доаѓаат во главниот град, мака мачат да најдат слободно паркинг место, објави ПлусИнфо. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во својата програма „За модерно Скопје“, најави дека по моделот на јавно-приватно партнерство, ќе се изградат нови катни гаражи кај Чаирчанка, кај амбулантата во Чаир, во Топанско поле, во Центар, како и монтажни паркинзи во Аеродром, во Кисела Вода и на други локации.



Веќе две години Арсовска е градоначалничка на Град Скопје, но на ниту една од споменатите локации не се градат ниту катни гаражи ниту монтажни паркинзи. Таа најави и намалување на цената на паркирање за 25% на сите градски паркинзи, но тоа се случи само кај зонското паркирање.

Поранешниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски не може да разбере како може човек да даде ветување, дека ќе го стори ова или она, а да нема увид во ситуацијата – каква е финансиската состојба, какви се финансиските приходи, каква е кадровската состојба во јавно претпријатие, па и во градската администрација и дали има луѓе коишто ќе може да ги реализираат проектите.

Проблемот со паркирање е присутен во сите големи градови, но тоа сепак не е најголемиот проблем на Скопје. Според мене, најважна е институционалната инфраструктура, но и тоа дали има простор да се реализираат таквите проекти. Јавните претпријатија се „рацете“ и „нозете“ на Данела Арсовска. Тие мора да бидат силни, вработените да бидат задоволни, а не преку синдикатите да бараат плати и да штрајкуваат. Мора да се најде начин вработениот не само да се награди, туку и да се стимулира да биде уште подобар. Градоначалничката мора да се потруди на сите вработени во јавните претпријатија да им обезбеди плати ден пред датумот, за тие да бидат задоволни и да ги придобие на своја страна – вели Костовски за Плусинфо. Повеќе може да прочитате на овој линк.