
Многу штетна и опасна иницијатива. Вака политичките аналитичари, пратеници и партиски лидери со коишто разговараше Плусинфо ја коментираат идејата на претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој предложи во Македонија да се формира дводомен парламент доколку не бидат изгласани уставните измени.
Тој предложи едниот дом да го сочинуваат градоначалници на неколку поразвиени општини, а другиот дом да го сочинуваат пратеници, но во помал број во споредба со сегашниот. На тој начин, со два дома, рече тој, би наликувале на конгресот и на сенатот во САД.
Нашите соговорници велат дека предлогот не е одржлив, а забележуваат и дека станува збор за уникатна идеја, бидејќи такво уредување не постои никаде во светот – пишува Плусинфо.
– Таравари ги посочува САД за пример, но тој заборава дека таму сите се Американци, без оглед на боја, раса, нација, етничка припадност. Таму сите копнеат да имаат американски пасош, да бидат американски државјани, да ја пеат американската химна и да го веат американското знаме – вели поранешниот собраниски спикер Тито Петковски.
Аналитичарите советуваат да си го задржиме принципот на поедноставна и поефикасна институционална поставеност, наместо да одиме на удвојување на институциите, што ќе значи многу поскапо, неефикасно функционирање, коешто не ја потврдува унитарноста, туку напротив – ќе ја ослабува.
Тито Петковски, поранешниот претседател на Собранието, во разговор за Плусинфо вели дека самото преговарање за формирање дводомен парламент е штетно и опасно за Македонија.
Тоа е дефинитивна поделба по етничка основа и претставува еден вид мобилизација на луѓето единствено по етничка ос
– Тезата за формирање дводомен парламент во земјава апсолутно е присутна уште од осамостојувањето на Македонија, па сѐ до денес. Меѓутоа, тоа пред сѐ е желба на големите популисти и националисти, а никако не води кон повторување на клучната уставна определба: Македонија да биде општество на рамноправни граѓани. Ние, откако направивме општество на рамноправни етнички заедници, откако го избркавме граѓанинот од политичкиот систем, дефинитивно ја загубивме Македонија како просперитетна демократска, стабилна држава, мајка и татковина на сите граѓани кои живеат во неа, без оглед на етничката припадност. Изјавата на Таравари не претставува ништо друго освен националистички излив, за да се добие некаков политички поен пред избори. Оваа идеја не само што не е функционална, туку е и штетна и опасна за државата. Со формирањето дводомен парламент, веднаш се ставаат во нерамноправна положба и едните и другите граѓани. Гледам дека Таравари ги посочува САД за пример, но тој заборава дека таму сите се Американци, без оглед на боја, раса, нација, етничка припадност. Таму сите копнеат да имаат американски пасош, да бидат американски државјани, да ја пеат американската химна и да го веат американското знаме. Кај нас нема такво нешто. Секој влече на своја страна. Така што, формирањето на дводомен парламент во Македонија е крајно штетна и непродуктивна идеја – објаснува Петковски.
Целата анализа Плусинфо на следниот линк:





