„Пукање во Македонија ќе биде, ако не се изгласаат уставните измени. Соочени сме со вистинско предавство на националните и државните интереси до целосно упропастување на Македонија од страна на ВМРО ДПМНЕ. Власта треба да ги употреби уставните и законските механизми, за да го промени Уставот, за да продолжат преговорите за членство во ЕУ, а не да шири оптимизам и натаму и напразно да се надева дека ќе шревладее разумот. Ако ВМРО ДПМНЕ и партискиот врв ги блокираат преговорите со ЕУ со диктат врз пратениците, тоа ќе значи дека Македонија не ја оправдала својата независност.“ – вели новинарот Ерол Ризаов во својата колумна со наслов „Блокада на умот во екот на светски војни“.
Во колумната, која ја објави Дојче веле на македонски јазик, тој повторно се пројавува во улога како жесток застапник на хегемонистичките позиции на официјална Софија кон Македонија и за внесување на непостојното бугарско малцинство во највисокиот правно-политички акт на Македонија. Фрлајќи со „дрва и камења“ врз Христијан Мицковски и ВМРО ДПМНЕ, поради одбивањето да се гласа за промената на Уставот, Ризаов крајно навредливо и омаловажувачки го игнорира постоењето цел еден народ, македонскиот, чии огромни 80 проценти се најпрвиот и главен бедем на отпорот против операцијата „Бугари во Устав“.
Покрај другото, Ризаов пишува: „Наместо Христијан Мицкоски да бара итна лидерска средба за околностите, во кои се наоѓа и Македонија во ек на светски војни, за да се донесат уставните измени веднаш и да отпочнат реформите кои водат кон ЕУ, надвор од здравиот разум упорно се вергла за предвремени избори, за бугарски диктат, асимилација и бугаризација, се заплашува јавноста од страшила-Бугари во Уставот и се покажува јуначење кон ЕУ и кон Америка. Тоа значи не само блокада на геостратегиските и развојни интереси на државата, туку и доведување во прашање на се она што е остварено досега на тој пат.“
„Она што нас во Македонија посебно треба да не загрижи е што војните во Украина и во Израел и Газа, кои го кренаа светот на нозе, не предизвикуваат промени во приоритетите на партиските политики на ВМРО ДПМНЕ. Оваа партија и натаму го блокира најдоброто засолниште на Македонија од ваквите големи светски воени кризи, кои најмногу ги засегаат регионите кои се во постојани конфликти. Западниот Балкан е невралгично и лесно запаливо подрачје.“
„Ако ВМРО ДПМНЕ и партискиот врв ги блокираат преговорите со ЕУ со диктат врз пратениците, тоа ќе значи дека Македонија не ја оправдала својата независност. Со политиката „ем шуто, ем боде“ не ги искористивме многу поповолните шанси да се завршат најзначајните приоритети и Македонија уште пред повеќе од 15 години да стане членка на НАТО и на ЕУ и да го сочува уставното име за домашна употреба.“
„Во ВМРО ДПМНЕ се шири најпогрешната теза дека ќе биде пукање во сопствената глава, ако се изгласаат уставните измени тоа. Вистината е поинаква: ако не се изгласаат уставните измени, тоа ќе биде пукање во Македонија. На најновото упропастување на Македонија денешните лидери на ВМРО ДПМНЕ гледаат како херојски чин, како големо јунаштво на спротивставување на демократскиот свет, на европеизацијата.“





