Александар Сафонов, руски политиколог, објаснува зошто на НАТО му се брза да ја „вовлече“ Македонија и предупредува дека западното протежирање на албанскиот фактор во државата се заканува со либанско сценарио, а „фитил“ би била двојазичноста на целата територија.
Јазичното прашање спаѓа во категоријата на најчувствителните прашања на Балканот, оценува Сафонов за српското издание на „Спутник“, додавајќи дека не станува збор само за албанскиот јазик во Македонија, туку, и на пример, за македонскиот јазик во Бугарија.
„Би рекол дека промената на статусот на јазиците води и кон промена на векторот на развој на државата. Македонците ја доживуваат Македонија како национална држава, па израмнувањето на македонскиот и на албанскиот јазик значи дека Албанците добиваат веќе втора (или трета, ако го сметаме самопрогласеното Косово) национална држава. Поради тоа, Министерството за надворешни работи на Русија со причина е загрижено поради ситуацијата во Македонија“, вели тој пред да го поврзе тоа со Либан.
„Сведоци сме до што доведе судирот меѓу различните заедници во Либан, кој не стивнува и покрај сите напори. Тоа сценарио би можело да се повтори и во Македонија. Затоа сите прашања треба да се решаваат со одмерен и чесен дијалог, во кој би учествувале сите малцинства што живеат во Македонија. Секако дека реториката и однесувањето на Еди Рама не придонесуваат за нормализација на односите, иако е јасно дека на тој начин Рама само се обидува да го зголеми својот политички углед“, додава рускиот политички аналитичар.
„Во секој случај, без мешање однадвор, ниедна страна (ни македонската, ни албанската) нема да може да излезе како победник во сегашната ситуација. А што се однесува до евентуалното ‘руско влијание’, Русија засега може да придонесе за решавање на македонската криза исклучиво преку Совет за безбедност на Обединети нации и други меѓународни институции, бидејќи во самата Македонија Москва нема големо политичко или економско влијание“, заклучува Сафонов во написот насловен „Зошто Русија предупредува за создавање на ‘Голема Албанија’ – зад сцената ѝ е главниот ривал“.
„Спутник“ е компанија составена од новинска агенција, вебстраници со вести и радиодифузен сервис, основана од новинската агенција „Росија сегодња“ контролирана од Владата на Русија.





