„Како е можно воопшто да ПОМИСЛИМЕ за преговори, да ПОМИСЛИМЕ за потпишување Договор за пријателство, добрососедство и соработка, да ПОМИСЛИМЕ, или да САКАМЕ да ги внесеме во Уставот на Република Македонија, оние што нас нè негираат, што нè одрекуваат, оние што за нас велат: НЕ СТЕ МАКЕДОНЦИ? Не треба да се менува Уставот на Македонија по барање на Бугарија. Сè има свој почеток и свој крај, а ова е крајот, ова е дното на сите дна и време е да кажеме: ДОСТА. Време е, еднаш засекогаш, сите Македонци да се обединат и јасно да порачаат НЕ за промени во Уставот на Македонија. Време е, еднаш засекогаш, Македонците да порачаат: ние, Македонците, ниту сме биле, ниту некогаш ќе бидеме Бугари. Затоа, прво што треба оваа, или идната Влада да го стори е да го РАСКИНЕ договорот со Бугарија. Денешниве политичари, купени со пари, се македонски гробари, бидејќи ги уништуваат МАКЕДОНСТВОТО и државата Македонија. Но, тие го трчаат својот последен круг.“ – вели Љупчо Коцарев, претседателот на Македонската академија на науки и уметности во својата колумна со наслов „Македонските маратонци го трчаат последниот круг“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, Коцарев пишува: Двете алтернативи – прво избори, па уставни промени, или прво уставни промени, па избори, за нас, Македонците, се неправедни, нечовечки, понижувачки и беспредметни. Единствено решение е определбата: никогаш уставни промени, или уставни промени само како полноправна ЕУ-членка. Се е лага, манипулација, грозоморно предавство. Договорот со Бугарија и обврските, што произлегуваат од протоколите, треба секогаш да се анализираат имајќи ја предвид рамковната позиција на Република Бугарија во однос на стабилизацијата и асоцијацијата на Македонија – документ усвоен во Собранието на Република Бугарија, на 10 октомври 2019 година.
Во тој документ пишува: „Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешната југословенска република, по нивната кодификација во 1944 година. Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета како признавање од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. ’македонски јазик‘, одвоен од бугарскиот“.
Фактот дека македонскиот јазик е различен од бугарскиот јазик е поткрепен со илјадници тома книги, научни анализи и неспорни сведоштва и записи на светските лингвисти и светските слависти – за тоа никаде не се спори, освен во Бугарија. Ненаучниот став на Владата на Република Бугарија, поддржан од Бугарската академија на науки, во однос на македонскиот јазик е јасен и непроменет од 1949 година (по раскинувањето на Бледскиот договор) до денес.
Според него, ако на територијата на денешна Република Македонија, до 1944 година, се зборувало бугарски јазик, којшто потоа се нарекол македонски јазик, тогаш голем дел од жителите на Македонија, до 1944 година, кои го зборувале тој јазик – бугарскиот јазик, биле, всушност, Бугари, за потоа, по 1944 година, да се преименуваат во Македонци.
Оттука, ако Бугарија не ги признава македонскиот јазик, историја и идентитет, независно од постоењето на бугарскиот јазик, историја и идентитет, тогаш е бесмислено, нелогично и неправедно воопшто да се водат разговори, усогласувања со таа страна, да се потпишуваат разновидни и недостојни договори за пријателство, добрососедство и соработка. Не треба да се менува Уставот на Македонија по барање на Бугарија. Зарем тоа е пријателство, добрососедство и соработка? Во таквиот случај единственото решение за Македонија е раскинувањето на Договорот со Бугарија.
Ако Бугарија , со која се разговара, се преговара, се усогласува, вели дека ние не сме Македонци, а рамковната позиција го прави токму тоа, тогаш да преговараме или, конечно, еднаш засекогаш, да речеме: ДОСТА? Тоа не се ниту рамноправни преговори, ниту разговори, туку потпишување безусловна капитулација. Сè има свој почеток и свој крај, а ова е крајот, ова е дното на сите дна и време е да кажеме: ДОСТА.
Како е можно воопшто да ПОМИСЛИМЕ за преговори, да ПОМИСЛИМЕ за потпишување Договор за пријателство, добрососедство и соработка, да ПОМИСЛИМЕ или да САКАМЕ да ги внесеме во Уставот на Република Македонија, оние што нас нè негираат, што нè одрекуваат, оние што за нас велат: НЕ СТЕ МАКЕДОНЦИ? Приказни за мали деца, или за наивни будали, се ветувањата дека треба само да го смениме Уставот и да ги почнеме преговорите, а потоа сè ќе се среди и со волшебно стапче ќе исчезнат сите уцени на Бугарија, а Македонија ќе влезе во ЕУ до 2030 година.
Насловот на денешниов есеј е позајмен од извонредниот текст на професорката Билјана Ванковска, со наслов „Маратонците го трчаат последниот круг“. Се разбира, насловот е поврзан со безвременскиот драмски текст на Душан Ковачевиќ и со култниот истоимен филм во режија на Слободан Шијан. Ванковска точно забележува дека „иако дејството (на драмата/филмот) се случува во друг историски период (по атентатот на Караѓорѓевиќ во Марсеј), Ковачевиќ ја опишува состојбата во која на власт се гробари, кои ги погребуваат талентите, умешноста, умот, младоста – односно сè што вреди во земјата“.
Но тоа што денес го прават македонските гробари е застрашувачко и непојмливо – тие го уништуваат МАКЕДОНСТВОТО, ја уништуваат државата Македонија. Застрашувачки и поразителен е фактот дека воопшто и размислуваат во Уставот на Македонија да внесат народ, чија држава упорно и повеќе од седумдесет години тврди, манипулативно и невистинито, дека ние, Македонците од денешна Република Македонија, во Бугарија и во соседните држави до 1944 година сме биле Бугари, а потоа, во еден ден, со „некаков“ декрет сме станале Македонци.
Ним навистина им прилега името македонски гробари. Затоа, тие го трчаат последниот круг, но тој не е последен само за нив, туку за сите Македонци и за оние што се чувствуваат како Македонци и како македонски граѓани, а потоа, по нив, Македонија засекогаш ќе ја снема.
Како понатаму? Пред речиси еден век во статијата со наслов „Самоопределението на Македонците“ Мисирков ќе напише: „Само во слогата, во соработката меѓу Србите, Македонците и Бугарите е спасот на сите нас. Најважниот услов за соработката меѓу Србите, Бугарите и Македонците е полната слобода во самоопределувањето на Македонците. Јас го истакнав принципот на македонскиот патриотизам и национализам како наполно неутрален и задоволувачки и за Србите и за Бугарите и за Македонците“.
Геополитичката карта на светот денес е целосно различна од онаа во 1925 година, а Македонија е соочена со непринципиелни уцени и закани, поддржани од ЕУ, врз основа на ненаучни аргументи, со бесмислено барање дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат бугарски корени, и со недостоинственото и понижувачко барање Македонија да го дефинира македонското национално создавање според барањето на една соседна држава.
Македонија, се надевам, нема да отстапи од одбраната на македонскиот идентитет, на македонската историја и на македонскиот јазик. Оттука, ги повикувам Македонците да се обединат – од меѓупартиските и внатрешнопартиските неслоги, парафразирајќи го Мисирков: „другите печалат, а ние, Македонците, губиме“.
Две работи ќе порачам. Прво, време е, еднаш засекогаш, сите Македонци да се обединат и јасно да порачаат НЕ за промени во Уставот на Македонија. Време е, еднаш засекогаш, Македонците да порачаат: ние, Македонците, ниту сме биле, ниту некогаш ќе бидеме Бугари, па затоа, прво што треба оваа или идната влада да го стори е да го РАСКИНЕ договорот со Бугарија.
Треба гласно и јасно да се каже НЕ: светите браќа Кирил и Методиј не се бугарски просветители, туку сесловенски; Македонија и Бугарија немаат заедничка историја и нема никогаш да дозволиме ревидирање на историјата според по урнекот на нашите соседи и условено со ништовни договори, додека македонскиот јазик има просторен и милениумски континуитет и се разликува од бугарскиот.
Второ, време е денешниве политичари, заради иднината на нивните внуци и правнуци, ако воопшто претпочитаат да размислуваат за каква било иднина во Македонија, хм… па, веќе реков, да се обединат, оти „другите печалат, а ние, Македонците, губиме“, и повторно, за да не се заборави: „другите печалат, а ние, Македонците, губиме“. А илузијата за исполнување на ЕУ-сонот, или за парите, со кои сте купени и ве купуваат, ќе се распрсне како меур од сапуница и ќе исчезне побрзо од времето, што беше потребно илузијата да се создаде или парите „да се соберат“!





