„Уставните измени, кои се услов за интеграција на земјата во Европската унија, ќе бидат поддржани пред крајот на оваа година. Имаме комуникации со секој од оние пратеници, кои искажале готовност да гласаат и веруваме дека овој процес ќе се заврши со усвојувањето на уставните промени пред новата година.“ – изјави министерот за правда Кренар Лога за Гласот на Америка на албански јазик, пренесе телевизијата Шења.
Шења пренесува: „Зборувајќи за политичките случувања во * Македонија, Лога, кој е и генерален секретар на Алијансата за Албанците, за Гласот на Америка рече дека неговата партија е подготвена за предвремени избори, како услов за гласањето за уставните измени.“
„Ние сме подготвени за избори, кога и да бидат. Но, редот е еднаш да се гласа за уставните измени и потоа да влеземе во изборните циклуси, кои ќе уследат потоа: за претседателските и парламентарните избори. Алијансата за Албанците е отворена да се оди на избори, било да се и предвремени, но под услов да имаме поддршка на уставните измени“. – кажа Лога.“
„Македонската опозиција го изрази своето противење на уставните измени, поради вклучувањето на бугарското малцинство во Преамбулата на Уставот. Без пратеничките гласови од ВМРО ДПМНЕ не е можно да се постигне двотретинското мнозинство во Парламентот за усвојување на уставните промени. Но, министерот Лога рече дека се работи на нивното гласање.“
„Има комуникации со политичките партии, а исто така има комуникации и со секој од оние пратеници, кои искажале готовност да гласаат и ние веруваме дека овој процес ќе се заврши со усвојувањето на уставните промени пред новата година.“ – нагласи министерот за правда Кренар Лога.“
Инаку, министерот Лога имал разговори за промените на Уставот на Македонија и при неговата работна посета на САД и средбата со високите функционери на Министерството за правда на САД, предводени од заменикот-помошник на генералниот обвинител и советник за меѓународни односи Брус Шварц. Оваа информација е објавена на официјалната интернет-страница на Алијансата за Албанците.
„Кренар Лога ја искажа својата благодарност за придонесот и инвестициите на САД во изминатите години за системот на правдата во Македонија и стратегиското партнерство на двете земји. Во неговите средби со високите претставници на американското Министерство за правда се дискутирало за реформите во правдата, стратегијата за периодот од 2023 до 2027 година, за уставните промени и нивната важност за евроатлантската иднина на земјата, за новиот Кривичен законик, за рокот за избор на републичкиот обвинител, како и за системот за распределба на предметите во судството – АКМИС. Министерот за правда Лога ги информирал неговите американски домаќини и за системот и состојбата во затвоите на земјата, како и за предлог-законот за амнестија.“ – соопшти, покрај другото, Алијансата за Албанците.





