Ковачевски контра логиката и целата јавност – Одговорот се однесуваше на темата, не е против новинар или медиум

Одговорот воопшто не беше наменет кон новинарот или кон телевизијата, или спрема кој било медиум, бидејќи моите одговори се кон прашањето. Сметам дека министерот Битиќи добро постапи и го поддржувам во тоа што го направи, изјави премиерот Димитар Ковачевски и претседател на СДСМ кој присуствуваше на сенародниот собир кај манастирот „Свети Димитрија“ кај прилепско Селце.



Тој одговори на новинарско прашање за ситуацијата при вчерашната прес-конференција во Скопје кога вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ги напушти изјавите откако новинар го праша премиерот „Дали остануваат на ставот дека нема да има заедно парламентарни и претседателски избори и дали се подготвени како влада, ако не успеат изборите целата држава да биде во рацете на политичката партија ДУИ“.  Беше прашан и дали ќе се извини.

– Во однос на вчерашниот ден имаше прес-конференција на која беше одговарано на прашања. Одговорот не беше насочен лично ниту спрема новинарот ниту спрема кој било медиум, туку беше насочен кон темата која беше поставена. Тука се повикав на она што беше кажано во мојот говор на 11 октомври во Куманово при што кажав дека во нашата држава имаме изградено мултиетничко општество, едно општество за сите, имаме изградено соживот кој овозможува на секој поединец, без разлика на неговата етничка, национална, верска или која било припадност да може да го планира, да го развива својот личен, професионален капацитет и својата кариера. Сметам дека тоа е голема придобивка. Битиќи е мој вице-премиер. Не е вице-премиер зашто е Албанец, туку зашто неговото „си-ви“ е едно од подобрите од областа на економијата во мојата и во неколку генерации економисти. Работел на меѓународни проекти, поминал врвни обуки и сметам дека поставувањето прашања дека кој било припадник на која било етничка заедница дали може да извршува одредена функција, е некоректно – изјави Ковачевски.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осудува, како што наведува во соопштение, некоректниот однос на премиерот Ковачевски и на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кон новинарот Матеја Петровски од ТВ Алфа.

– Медиумите се еден од клучните столбови на демократијата и имаат важна улога во креирањето на критичкото мислење и известувањето за прашања што се од јавен интерес. Оттаму, не смее да постои начин на комуникација кој е несоодветен и навредлив кон новинарите, а со тоа и кон целата јавност на која треба да ѝ бидат пренесени информациите – наведува АВМУ.

Реагираше и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) кои остро го осудуваат односот на премиерот Димитар Ковачевски и на вицепремиерот за економски прашања во македонската влада, Фатмир Битиќи кон колегата од Алфа ТВ, Матеја Петровски.