Од утре стартува грејната сезона

Од утре, 15-ти октомври, започнува грејната сезона 2023/2024 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје со кој управува ЕСМ.



Испораката на топлинска енергија ќе се врши од 6-22 часот по строго утврдени правила и дијаграми. 

Според овие правила, на почетокот од грејната сезона во месеците октомври и првата половина на ноември кога надворешните временски услови се променливи, снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите зависи од надворешните температури и од атмосферските услови во различни периоди од денот. При одредени атмосферски услови во периодите на високи надворешни дневни температури, се прекинува испораката на топлинска енергија.

Компаниите формирани од страна на акционерското друштвото АД ЕСМ, како и подружницата Енергетика се подготвени за сигурно, безбедно и континуирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во претстојната грејна сезона за потрошувачите на подрачјето на дел од градот Скопје.

Од вкупно 63.000 потрошувачи (домаќинства, деловни објекти и институции), 61.000 се снабдуваат преку новоформираните фирми на ЕСМ за Производство, Дистрибуција и Снабдување, додека 2.000 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата  ЕСМ-Енергетика.