Во наредните десетина дена ќе бидат поставени десетина нови работни позиции за вадење лични документи каде што граѓаните ќе може да се јават и без закажување и добивање термин, најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Новите места ќе бидат поставени во Скопје. Тој во интервју за 360 степени, рече дека ова се прави со цел да се овозможи во предвидениот рок да се заменат сите лични документи на кои ќе стои новото уставно име на државата Република Северна Македонија.
- – Досега, според нашата евиденција, околу еден милион граѓани имаат документи со новото име на државата, рече Спасовски.

Тој посочи дека еден од проблемите со кои се соочуваат е тоа што дури 70 отсто од закажаните термини не се почитуваат, односно граѓаните не доаѓаат во закажаното време и потоа повторно се јавуваат на телефонскиот број да добијат нов термин. Спасовски нагласи дека нема да има санкции за оние кои нема на време да ги заменат личните документи.
Во меѓу време, граѓаните на кои им се истечени личните документи во моментот, а не можат да добијат термин за да си извадат нови, не се во состојба од банка да си ја извадат платата или пензијата ако немаат платежна картичка, да аплицираат за кредит или да го зголемат дозволениот минус. Немањето важечки документ, повлекува и казна, доколку не дај боже на улица ги запре полиција. Неколку месеци траат проблемите со добивање на термин, но Министерството за внатрешни работи дава само ветувања дека проблемот ќе се среди. Граѓаните се револтирани и со денови губат време вртејќи на двата броја, а единствено добиваат музика и снимен глас дека “во моментот сите оператори се зафатени, обидете се повторно“.





