„Весникот ‘Нова Македонија’ задржува став дека какви било уставни измени треба да го одразуваат државотворниот карактер на македонскиот народ, преку истакнувањето на Илинден, АСНОМ и референдумот за независност од 8 Септември, како главни столбови на македонската државност. Ако веќе се инсистира на уставни измени и се наметнуваат некакви рокови, со ширење неоправдан оптимизам, тогаш потребно е решение, што ќе биде во согласност со македонските национални интереси, а не со интересите на Софија.“ – се наведува во анализата со наслов „Ирационален ‘оптимизам’ околу уставните измени“ на новинарот Сашо Таневски, кој го објави овој весник.
Уставни измени исклучиво според македонски модел
Покрај другото, во анализата пишува: Потребни се уставни измени, со кои ќе се истакне носечката државотворна улога на македонскиот народ, што ќе биде издвоен како главен конститутивен народ, заедно со признавањето на македонскиот јазик како единствен официјален јазик на целата територија на државата. Решението за промена на Уставот и содржината на промените не може никој да ги диктира и да ги наметнува, туку мора да бидат резултат на внатрешна суверена одлука на сите.
Иако не може да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието, некои од политичарите од власта и натаму продолжуваат со истата приказна дека роковите за уставни измени ќе бидат запазени. „Моја задача е да сум оптимист и да работам да се случи тоа. Според моите сознанија, процесот ќе заврши успешно, се надевам навреме.“ – изјави неодамна министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Врз што го заснова министерот Бујар Османи својот оптимизам и дури влегува во одредување временска рамка за за промена на Уставот, кога е свесен дека нема двотретинско мнозинство?! За какви рокови говори, кој му ги поставил и која ќе биде цената на брзоплетото бркање на тие рокови? На поголемиот дел македонски граѓани воопшто не им е јасно зошто се потребни уставни измени кога условот за зачленување во ЕУ е исполнувањето на Копенхашките критериуми.
Нејасно е како со некакви „запирки“ и козметички дотерувања ќе се задоволат многу поголемите бугарски апетити, како трчањето по некакви рокови ќе се одрази врз државата и дали ќе создаде дополнителни проблеми во иднина. На сите овие прашања нема јасен одговор, туку се шири некаков нереален оптимизам и се повторуваат тврдењата дека „сето тоа е во името на посветлата иднина“.
Истите прашања си ги поставуваат и многу експерти и познавачи на уставните услови, кои не можат да ја разберат потребата некој сам да си поставува рокови, кога се знае дека секоја измена на Уставот треба да биде постапка што ќе се води отворено, во строго законски утврдена процедура, за содржини за кои ќе се развие поширока општествена дебата, во чие подготвување ќе бидат вклучени врвните уставни експерти, но и политичари.
Ако веќе се внесуваат Бугарите во Уставот, одлуката за тоа како и каде ќе бидат споменати повторно мора да биде донесена врз основа на широка расправа и општествена согласност, прифатлива за сите, решение што утре нема да предизвикува дополнителни поделби и дестабилизација на државата, туку ќе претставува врзивно ткиво меѓу конститутивниот македонски народ и сите малцински заедници, што живеат во земјава.
Имајќи предвид дека Уставот е одраз на сувереноста на една држава, секаков обид да се наметнат решенија однадвор всушност претставува најбезобѕирно мешање во внатрешните работи. Затоа е суверено правото дали, какви и кога ќе направиме уставни измени, без некој дополнително да ја замајува јавноста дека ќе се фателе некакви рокови, кои никој и не ги наметнал.





