Павловска: Да се отфрлат уцените на Бугарија, која беше олицетворение на фашистичкото зло! – Во ЕУ само со заветот на народните херои!

„Осумдесет и две години по почетокот на востанието на македонскиот народ против фашизмот, но и за своја национално-државна еманципација, и покрај сите официјални одбележувања, во Македонија цинично се подметнува ‘чувство на вина’ дека 11 Октомври е празникот, што можеби ја попречува европската иднина на нејзините граѓани! Но, во ЕУ треба да се влезе само со заветот на народните херои за своја македонска држава и со македонски идентитет легитимиран во светот, отфрлајќи ги уцените на Бугарија, која беше во тоа време олицетворение на фашистичкото зло!“ – вели новинарката Јасминка Павловска во својот коментар со наслов „Да се влезе во ЕУ со заветот на народните херои“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.



Покрај другото, Павловска пишува: Уставните измени за внесување на Бугарите во преамбулата како делови од народ се само за почеток на преговорите со ЕУ. Како „логично надоврзување“ на тој услов за измени во Уставот е барањето за „спречување на говорот на омраза спрема Бугарите“, под што се мисли на бришење од македонските споменици, обележја и воопшто од меморијата, фашистичко-окупаторското присуство, дејствување и злосторства извршени во Македонија за време на Втората светска војна. А 11 Октомври е денот кога македонскиот народ го започна своето народноослободително востание токму против бугарскиот фашистички окупатор.

Откако започна бугарската кампања во ЕУ против македонското евроинтегрирање европските политички чинители се обидуваат да не ја согледаат историско-ревизионистичката намера на Бугарија. Македонија доби предлог-преговарачка рамка со услов за уставни измени, со кои треба вештачки да се инсталира бугарско малцинство, а историската вистина да се санкционира како „говор на омраза“.

Европските претставници во нивното лобирање за уставните измени во Македонија, кое не сакаат да се нарекува „притисок“, велат дека „никој не го губи својот идентитет на патот кон ЕУ“, но превидуваат дека на никоја од сегашните земји-членки во преговарачката рамка досега не ѝ биле наметнати услови, кои се директно загрозување на националниот идентитет.

Бугарските политичари и понатаму бараат ревизија на македонската (и светската) историја во нивна корист, со дрски барања за укинување на прославата токму на 11 Октомври. Бугарскиот европратеник Андреј Ковачево порача дека „денот кога пукнала првата македонска пушка против Бугарите во октомври“ е антиевропски, а Бугарија со барањето за укинување на тој празник, всушност, спречува таа идеологија да влезе во ЕУ. Според бугарскиот европратеник, 11 Октомври е дел од „идеологија директно насочена против друга земја-членка на ЕУ“, т.е. Бугарија, и тие го сметаат тоа како дел од говор на омраза.

Борбата против фашизмот, тогашното фашистичко зло кон кое припаѓаше Бугарија, е во срцевината и суштината на идеологијата на Европа. Македонија и напредна Европа тогаш беа на иста страна и се бореа против истото тоа зло. Бугарија беше на спротивната страна како олицетворение на злото. Бугарија треба да се срами. Македонија може да се гордее со 11 Октомври и својот придонес во ослободувањето и развојот на Европа.

Од таа Народноослободителна и антифашистичка борба, која во Македонија започна на 11 октомври 1941 година, останат е заветот на 44-те народни херои, загинати во војната токму против бугарскиот фашистички окупатор. Жртвата на тие народни херои и другите илјадници борци од Македонија во таа антифашистичка војна требаше да биде „последниот бој“ за остварување на вековниот сон и борба на македонскиот народ за своја држава и легитимиран национален идентитет меѓу народите во светот.

Но денес за Македонија и Македонците 11 Октомври е повикување на совеста за денешните генерации за жртвите и заветот на претходните генерации, пред искушението да се откажеме и да заборавиме на нив, за неизвесни ветувања за уште понеизвесна европска иднина. Да заборавиме ли на совеста за нив, на загинатите народни херои, за да им се додвориме на соседите-окупатори, кои сега сакаат да се претстават како „администратори“ и против кои е дигнато востанието на 11 Октомври? Совеста вели дека Македонија го заслужува местото во ЕУ со заветот на своите народни херои, без да биде уценувана со нивен заборав и погазување на заедничките антифашистички идеали – и европски и македонски!