Додека расте нервозата кај стотиците Македонци кои незнаат како да се евакуираат од Израел, власта смирува дека се засилуваат подготовките за нивно безбедно враќање дома а Министерството за надворешни работи со штури соопштенија. Нема информации каде се сместени веќе евакуирани Македонци, како ќе бидат транспортирани до Македонија, дали ќе има комерцијални летови, летови од други земји итн.
Од Владата велат дека во моментов се разгледуваат сите расположливи можности за најбрзо враќање на нашите државјани во земјава, кои изразиле желба да се вратат и кои немаат други можности тоа да го остварат.
Амбасадата во Тел Авив, како што се наведува во соопштението, од самиот почеток на кризата е во контакт со државјаните на Сверена Македонија. Според проценки на Кризниот штаб, на територијата на Израел и загрозените подрачја се проценува дека престојуваат меѓу 100 и 200 наши државјани, од кои преку половината се прецизно мапирани и редовно се одржува контакт со нив.
Демократскиот сојуз ја повикува Владата, посебно МНР, да направат сѐ што е потребно за да се обезбеди безбедна евакуација на над 100 македонски државјани на Аеродромот во Тел Авив, додека соседните земји испраќаат авиолетови за своите државјани
„Блокираните граѓани во Тел Авив прават очајнички напори да го напуштат Тел Авив, но авиокомпаниите кои имаат летови од Тел Авив приоритет даваат на нивните државјани. Во Израел е прогласена воена состојба и ракетните напади на Тел Авив се постојани поради што состојбата е исклучително тешка и бара ангажирање на Владата за да се евакуираат нашите државјани“, реагира партијата на Павле Трајанов.
Македонија е можеби единствената земја од регионот, која не испратила досега сопствен авион за да ги преземе своите граѓани од Израел – реагира Билјана Спасиќ Митковска, Македонка, евакуирана од Израел, за Гласот на Америка.
Еден службен лет да пратат не треба повеќе, тие се од 100 до 200, мислам дека ќе ги собере сите Македонци. Сите околни земји Србија, Црна Гора, Албанија, која зеде и наши и граѓани од Косово, сите се организираа и си ги прибраа своите граѓани вели Билјана Спасиќ Митковска за Глас на Америка.
Досега своите државјани од Израел ги евакуираа Црна Гора, Косово, Албанија, Хрватска,Србија и Словенија.





