Македонскиот поп-пејач Давид Темелков ја збогати прославата на Денот на народното востание на македонскиот народ 11 Октомври со промоцијата на својот најнов хит „Мојата Македонија“.
„Долго те чував, а сега полетај слободно… Полетај далеку и кажи му на светот кои сме… Полетај далеку до работ на светот и допри ги сите наши, однеси љубов и окрепи ги оние на кои им е потребно, а нè има многу… Полетај, но врати се дома, дома припаѓаш… Летај песно моја… ‘Мојата Македонија’“, им порача на обожавателите македонската ѕвезда што десетина години сјае на хрватското музичко небо, но со еднаков жар се труди да биде присутна и на естрадата во својата татковина.
Песната настанала пред пет години во наплив на емоции и носталгија по родната грутка на Темелков, кој е автор и на музиката, како и на видеото со снимки од Бигорскиот манастир, од Кокино, од Старата скопска чаршија и од други култни локации по кои се препознаваат и гордеат Македонија и нејзиниот народ.
Давид, кој блесна во второто издание на регионалното талент-шоу „Икс фактор“ во Белград, по што во соработка со Тони Цетински и со текстописецот Мирослав Рус си го пробива(ше) патот кон врвот на музичката сцена во Хрватска, во јуни се ожени со хрватската водителка Елена Јунг, правејќи свадба во – Македонија.






