Како пушачите ќе ја прифатат владината мерка за поскапувањето на цигарите?!

Цигарите, пурите и течноста за електронски цигари поскапуваат од петок, кога стапуваат во сила измените на Законот за акцизите. Собранието ги усвои овие измени минатата недела на 3 октомври. Цигарите ќе поскапат за 5 денари по кутија, а Владата, според образложението на законските измени, очекува да има зголемување на приходите во буџетот за околу 13 милиони евра годишно. За цигарите цената ќе биде за 9 проценти поголема.



  • По членот 84 се додава нов член 84-а, кој гласи: Акцизата на цигари од член 78 став (1) од овој закон изнесува 3,253 денари по парче и 9% од малопродажната цена по кутија. Дополнително, на членот 85 се додава нов член 85-а според кој акцзата на пури изнесува 21,73 денари по парче и 9% од малопродажната цена, додека за цигарилосите 10 денари по парче и 9% од малопродажната цена – се наведува во законските измени.

Дополнително, секој 1 јануари до 2030 година, акцизата на цигарите според најавите ќе се зголемува за 0,23 денари по парче. Иако акцизата за цигари во Македонија е меѓу најниските во Европа, а цената на цигарите и пурите е далеку пониска од европските земји, граѓаните сметаат дека цигарите се веќе скапи, а некои пак на тоа гледаат и како прилика да се откажат од пушачката навика.

Инаку во изминативе 10 години, кутија цигари се зголемуваше по просечни 5 денари, поради редовното годишно зголемување на акцизата, давачка која ја воведе државата во 2013. со цел да го дестимулира пушењето. Дополнително, со усвоените измени, секој 1 јануари до 2030 година, акцизата на цигарите ќе се зголемува за 0,23 денари по парче. Ваква законска одредба имаше и досега, но таа истекуваше годинава.