Блажевска: Се шпекулира со можноста ВМРО ДПМНЕ да се „разбие странично“ преку Груевски, за да поддржи уставни измени

„Што би можело да се промени, со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да поддржи уставни измени? Шпекулациите се однесуваат на можноста за разбивање на тој став со странично влијание врз опозициската партија. Како извршител на тоа се посочува поранешниот претседател на партијата Никола Груевски.“ – вели новинарката Катерина Блажевска во својата анализа со наслов „Кој на бел коњ, кој на куцо магаре“, која ја објави Дојче веле на македонски јазик.



Покрај другото, Блажевска пишува: Изборите ќе се одржат во редовниот термин, а лидерска средба е можна ако на неа се разговара за уставни измени. Ова се старо-новите пораки на власта до опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по барањето на партискиот претседател Мицковски да се одржи лидерска средба на која ќе се разговара за изборниот процес, датумите на одржување на претседателските и парламентарните избори, промените во Изборниот законик…

„Изборите нe нудат решение, затоа изборите ќе се одржат во редовниот термин – напролет следната година. Ако на ВМРО-ДПМНЕ ѝ пречи ДУИ во управувањето со државата – се повлекуваме од извршната власт во моментот кога тие ќе гласаат за уставните измени“, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Во иста насока порака испрати и потпретседателот на СДСМ и вицепремиер Фатмир Битиќи. Лидерска средба може да има, рече тој, но само за една тема – уставни измени, како стратегиско и геополитичко движење за иднината на државата. Тој е сигурен дека ќе се усвојат уставните измени и оти ќе има пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе гласаат за иднината на државата. Таква увереност Битиќи изрази и пред неколку месеци, но неговиот оптимизам не се потврди.

Што би можело да се промени, со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да поддржи уставни измени? Шпекулациите се однесуваат на можноста за разбивање на тој став со странично влијание врз опозициската партија. Како извршител на тоа се посочува поранешниот претседател на партијата Никола Груевски. Иако тој во повеќе наврати демантираше негово учество во такви активности, од ВМРО-ДПМНЕ изразија сомнеж дека спорната измена на некои одредби во Кривичниот законик се совпаѓаат со исти такви предлози испратени од Груевски на три политички адреси во земјата. Вториот сомнеж во јавноста дојде по шпекулациите дека е доставено одредено барање до Врховниот суд, кое во случај на позитивна одлука води кон тоа Груевски наскоро да се врати во Македонија.

„Доставена е Иницијатива за утврдување начелно правно мислење и за помилувањата, дадениод поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов. Иницијативата е поднесена од Миле Наумовски, адвокат од Скопје.“ – соопшти Врховниот суд.

Се лицитира со „сигурен термин“ кога Груевски би се вратил во земјата, со цел да „помогне“ за уставните измени, преку разбивање на сегашниот партиски став, односно со поттикнување внатрешна поделба во ВМРО-ДПМНЕ. Но сето тоа би било можно само по можен позитивен став на Врховниот суд за поднесената Иницијатива од адвокатот, бидејќи би значел потврда на помилувањата од Иванов, односно спас од кривичен прогон на сите помилувани функционери, меѓу кои е и Груевски.

На бел коњ?

Дали нештатата политички се туркаат во таа насока, под етикетата „помирување“? Битиќи вели дека Груевски може да се врати само со прифаќање на делата, што ги направил – помирувањето може до некаде да ја ублажи казната, но не значи амнестија. Извори во СДСМ веруваат дека тоа нема да се случи. ВМРО ДПМНЕ е убедена во своето единство и дека Македонија ќе има Влада, која ќе ја предводи таа.  

„Ние сме пред две историски победи, и на претседателските и на парламентарни избори, кога и да се случат. Никој не победил народ.“, порача Мицкоски и повика на мобилизација. Toj рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во парламентот воделе битка за одбрана на македонскиот идентитет и за одбрана на она, што од Владата го распрoдаваат.