Инфлацијата во септември се спушти на 6,6 проценти, но трошоците за живот и понатаму го празнат истенчениот семеен буџет на граѓаните, односно празниот џеб на и онака сиромашниот граѓанин. Производицте со гарантирана цена и луксузни прехранбени производи со зголемен ддв се двете новини кои направија вистински хаос во маркетите.

Инаку, Владата од средината на минатиот месец стартуваше со мерката „гарантирани цени“, со што се намалија цени на 24 категории продукти. Но од мината недела пак данокот на додадена вредност на стотици прехранбени производи од 5 отсто се зголеми на 10, со што цените во маркетите заминаа до небо.
Поради „гарантираните цени“, се намалила и вредноста на синдикалната минимална кошничка за четиричлено семејство. За месец септември таа изнесува 48.379 денари, пресметал Сојузот на синдикати на Македонија. Во споредба со август кошницата е полесна за речиси 1000 денари. Но од ССМ велат дека со зголемувањето на ДДВ на одредени прехранбени производи повторно ќе дојде до зголемување на вредноста на потрошувачката кошничка. Граѓаните најмногу се засегнати од цените на храната, која за две години поскапе за речиси 40 отсто.




