Шпанскиот спортски лист „Марка“ му посвети голем простор на Раул Гонзалес, селектор на ракометната репрезентација на Македонија, следниот противник на „фуријата“ на Европското првенство во Хрватска в недела.
Опишувајќи го како „Раул ‘Велики’ од Македонија“ во насловот, еден од најпознатите спортски весници во светот го праша Шпанецот како ќе се чувствува водејќи друга земја против својата, а тој одговори дека „тоа ќе биде исто толку комплицирано, колку што е посебно“.
„Ќе биде чудно кога ќе се соочиме со Шпанија, бидејќи додека не пристигнав во Македонија никогаш претходно немав искусено како е да се води репрезентација. Иако сме ривали, ќе биде убаво што ќе се соочиме со познати луѓе“, вели Гонзалес.
За досега оствареното на првенството и за тоа што ги очекува неговите избраници, Раул скромен како и секогаш.
„Во почетокот се прашував дали ќе ја помине групата во која само Црна Гора е на исто ниво како нас, но игравме многу добро против сите. Иако ја завршивме групата први и ќе ја почнеме другата од првото место, сега ни доаѓаат Шпанија, Данска и Чешка, последната единствена со сличен потенцијал на нашиот“, смета тој.
И покрај охрабрувачкиот старт на Европското првенство и добрите моменти на Македонија, Раул Гонзалес останува внимателен, свесен дека неговиот тим, покрај серијата доблести, има многу ограничувања против повеќето тимови пласирани во главната рунда на ова првенство.
„А приори, ние не треба да добиеме ниту еден натпревар, дури ни против Чешка, која покажува одлично ниво, доволно да ја елиминира Унгарија“, вели Гонзалес, признавајќи дека има „малку кратка клупа и со некои ветерани, нешто што може да биде тешкотија на долгите турнири, но луѓето даваат повеќе отколку што можевме и да замислиме, а и сите ги знаат своите улоги во тимот без големи ѕвезди“.
„Марка“ констатира дека „неговиот потпис за ПСЖ ја покажува неговата репутација во овој спорт како еден од најпознатите тренери со само 48 години“, а тој повторно со изјава на човек што цврсто стои на земја.
„Тренери можат само да им помогнат на играчите, бидејќи ние ниту играме ниту правиме чуда. Ентузијазмот и добрата атмосфера, живеењето во иста земја и учењето на јазикот, како и давањето слобода во работата од Федерацијата, се само некои од тајните на оваа селекција“, вели Гонзалес за својот и успехот на македонската репрезентација со него како предводник од клупата.





