Грчкиот портал „Либерал“ во подолга анализа на најновите случувања околу проблемот што го има Грција со името на македонската држава констатира дека на самитот на НАТО во јули во Брисел ќе биде тешко пак да се стави вето за прием на Македонија, бидејќи ќе немаат поддршка како во Букурешт во 2008 година од тогашниот француски претседател Никола Саркози.
„Се разбира дека Атина ја има во рацете едногласната одлука од Букурешт, надградена на наредните самити на НАТО. Но, во геополитичката игра на ова ниво очигледно е дека стандардната сила на принципот на консензус во процесот на одлучување во НАТО се релативизира, бидејќи не постои формирана рамнотежа на моќ. И секој знае дека во 2008 година грчкото вето го овозможи тоа што Грција не беше сама, туку имаше енергичен поддржувач во претседателот на Франција, Никола Саркози. Денес го нема само Саркози, но Атина ќе има тешкотии да најде уште еден сојузник за суштинска поддршка на позицијата на името“, пишува „Либерал“.
Порталот посочува на руско влијание во процесот за решавање на проблемот со името, кое доаѓа во особено чувствително време за Балканот, „бидејќи и Москва, по целосна реставрација на Блискиот Исток и на источниот Медитеран, инсистира на враќање на позициите и на Балканот“. Првиот аргумент во прилог на оваа теза, според „Либерал“, се критиките од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за изјавата на албанскиот премиер Еди Рама дека бил најзаслужен за изгласувањето на албанскиот за втор службен јазик во Македонија, оценувајќи ја како дел од „развојот на настаните во согласност со аспирациите за Голема Албанија, која го загрозува територијалниот интегритет на неколку држави во регионот“. „Втора во неколку дена руска интервенција во Македонија“, смета порталот, е поддршката за одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов да стави вето на Законот за употреба на јазиците, а трета тоа што „вчера истиот г-дин Лавров во суштина ѝ ‘препорача’ на Грција да не попушта за прашањето за името, за ‘Скопје’ да не може да влезе во НАТО наспроти напорите на Вашингтон“.
Во однос на разговорите за разликите за името, пак, „Либерал“ го фали посредникот Метју Нимиц дека „’игра’ со такт и ја повторува теоријата дека терминот ‘македонски-а-о’, ако не е преведен, се разликува од ‘Μακεδονικός-η-ο’ и од ‘Macedonian’ и затоа може да да биде прифатлива опција за Грција. Тоа го остава отворено како алтернатива поврзувањето на јазикот и на државјанството со новото име на државата (на пример, јазик на Република Горна Македонија)“.





