Првиот вицепремиер Артан Груби не одговори на прашањата на Алсат за тоа дали тој, ДУИ или Владата се подготвени да поддржат законско решение кое ќе доведе до целосно затворање на казината, по примерот во Косово и Албанија.
Вакво барање упати , лидерот на Демократското движење, Изет Меџити кој го повика Груби прво да се откаже од Државна лотарија и целосно да го процесира во Собранието законот за затворање на казината, потсетува Алсат.
„Сакам јавно да го предизвикам, ако навистина сака нека се откаже од Државна лотарија, не ни треба таа лотарија и го предизвикувам со закон целосно да ги затвори казината како во Албанија и Косово и да не зборува 3 години за дислокација 500 метри, а во меѓувреме да донесе уште три ланци на казина“, рече Меџити.
ДУИ ја обвини албанската опозиција дека лобира во корист на казината. Според оваа партија, ниту една бугарска компанија, како што тврди македонската опозиција, нема да победи на тендерот што е во тек, а се однесува на организацијата и контролата на онлајн коцкањето.
ДУИ инсистира да биде усвоен предлог Законот за коцкање со што како што тврдат ќе се де-монополизира коцкањето.
Парламентарното мнозинство вторникот се обиде да го изгласа нацрт-законот за игрите со знамето на ЕУ без присуство на опозицијата, но обидот пропадна бидејќи во салата се појавија пратениците од опозицијата кои ги блокираа намерите на власта.







