Ципрас бара кампања за сузбивање на грчкиот национализам за името

По изјавата на портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулус кој најави дека Грција ќе направи се што може за решавање на спорот за името и дека е оптимист за решение кое нема да ги загрози грчките национални интереси од Атина уште една информација која може да биде позитивен сигнал за Македонија.



Имено, неделава премиерот Ципрас имал состанок со политичкиот секретаријат на неговата партија на кој се раговарало за организирање јавна кампања во врска со спорот за името.

Целта на кампањата е “сузбивање на национализмот” што постои во грчкото општество а кој е поздржан од радикалната десница и црквата.

Оваа информација укажува на свесноста на грчката влада дека кај јужниот сосед има енормно високо ниво на национализам кој е пречка за решение во спорот за името.

Имиџ на ублажување на грчките позиции дава и изјавата на Ѕанакопулос според која Балканот е нестабилен регион и затоа е важно тој да се стабилизира за да влезе во историски раст, соработка и солидарност.

За разлика од Ципрас, Ѕанакопулос и СИРИЗА нивниот партнер АНЕЛ на Каменос продолжува со политиката топло – студено и сеуште кокетира со национализам во прашањето “за Скопје”.

Дел од грчките аналитичари како позитивна промена ја оценуваат и изјавата на заменикот министер за надворешни работи Јоанис Амантидис кој рече дека 140 држави ја признале ФИРОМ како Република Македонија, што се толкува како порака до Каменос да ја омекне својата позиција, пишува весникот Катимерини.