Цените на храната „подивеа“ откако мерките на Владата добија зелено светло

Нов ценовен шок за граѓаните. Од сега, повторно нови и повисоки цени во маркетите – две недели откако околу 50 производи се намалија за најмалку 10%. Во маркетите околу 1.000 производи се со повисоки цени бидејќи, данокот на додадена вредност се зголемува од 5% на 10%. Од Владата претходно, кога и беше најавена оваа мерка, соопштија дека во неа ќе бидат опфатени само луксузните продукти, меѓутоа сликата во маркетите е поинаква. Од изутрината на 6 ти Октомври по нови повисоки цени се продаваат и производи како цвеклото, мајонезот, лутеницата, компоти, сите видови апетисани, конзервирана храна, но и храна за деца.



Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи објасни дека дел од овие цени ќе треба да се ревидираат, а потенцираше и дека ако има некакви пропусти, на следната владина седница ќе бидат решени.

Таму е дефинирано, за разлика од претходното дефинирање во законот, до детали кои сè продукти спаѓаат во повластената даночна стапка од 5 отсто. И, понатаму, на страница 46 од одлуката се вели повластената стапка од данокот на додадената вредност се применува врз прометот на следните услуги. Има вкупно 358 продукти или царински тарифи со одредени продукти што спаѓаат во новата стапка од 10 отсто“, рече Битиќи.

Тој објасни дека ако има некакви пропусти, на следната седница на Владата ќе бидат решени.

Ако трговците и производителите поинаку ја прочитале или не е доволно јасна, некој не знае дали, на пример, кравјото сирење треба да влезе во 5 или 10 отсто, можеме да објасниме и на следната владина седница такви пропусти, ако има, да ги решиме. Мора да кажеме што е тоа што сметаме дека треба да го стимулираме. Граѓаните имаат навики за храна, но одредени продукти, ако во овој момент сметаме дека треба да бидат во стапката од 10 отсто, оставаме простор да се ревидира ако тоа е дел од секојдневната исхрана на граѓаните. Сметам дека може да има поинакво толкување на одредени царински стапки, на одредени продукти, затоа што не е целосно јасно“, вели тој.

Битиќи се согласува дека млечен премаз со висока масленост од овчо млеко треба да биде несекојдневен и треба да има стапка од 10 отсто. Но, тој вели дека има простор јасно да се каже за кои продукти станува збор. Вицепремиерот не знаеше да одговори зошто ајварот останува со 5 отсто, а лутеницата со 10 отсто. Тој не сакаше да навлезе во дефиницијата што е луксуз. Рече дека може да е пропуст и дека за десетина производи нема проблем да се направи измена.

За чипсот, гумите за џвакање, сладоледот, тој рече оти спаѓаат во категоријата нездрави производи затоа што имаат повисока шеќерна вредност и не смета дека е основен прехранбен производ.