Доколку не се усвојат уставните измени парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин и ќе се примени одлуката за 100 дена Албанец премиер, а кој ќе биде таков премиер ќе одлучи лидерот на ДУИ Али Ахмети, чии одлуки се најдобри за граѓаните што е докажано многупати досега, порача првиот вицепремиер Артан Груби.
Засега остануваме на ставот за 100 дена премиер Албанец, освен ако ВМРО-ДПМНЕ не ги гласа уставните измени, тогаш ќе се откажеме. Во договорот за коалицирање со СДСМ стои дека кандидатот за премиер Албанец траба да биде предложен од страна на ДУИ, од страна на господинот Ахмети. Неговите одлуки за државата секогаш биле добри и сите граѓани виделе добро од нив, рече Груби во интервју за ТВ Канал 5.
Нагласи дека најдоброто нешто за земјава во овој момент е премиерот Димитар Ковачевски и додаде дека не е точно оти ДУИ ги држи „сите конци“ во Владата.
-Не е точно дека ДУИ ги држи сите конци во Владата. Димитар Ковачевски во овој момент е најдоброто нешто за оваа држава, нема никакви предрасуди и сметам дека би бил многу добар да ја повлече Република Северна Македонија кон Брисел, посочи Груби.
За Бугарија рече дека може да има нови барања за земјава во пристапниот процес само во однос на преговарачката рамка, но не и по основ на историјата.
Истакна дека во ДУИ имаат црвени линии за коалицирање со оние што не го почитуваат Охридскиот рамковен договор и што се против евроатлансктие интеграции на земјава.







